Низок степен на образование во Македонија имаат 17,7 проценти од лицата на возраст меѓу 25 и 34 години, а 8,5 отсто од лицата од 18 до 24 години рано го напуштаат образованието, објави Државниот завод за статистика по повод 24 Јануари – Меѓународен ден на образованието.

Во формалното образование и во образованието надвор од редовниот образовен систем учествува 10,7 проценти од работоспособното население. Дваесет и пет часа по лице се поминати во образовни активности надвор од редовниот образовен процес.

Во процесот на образованието се опфатени 800 машки и 414 женски деца со попреченост. Од нив 218 посетуваат редовни училишта, а 996 се во специјални училишта.

Според податоците на УНЕСКО, 750 милиони млади и возрасни не знаат да читаат и да пишуваат, еден од пет адолесценти во светот го напуштил средното образование, 262 милиона деца и млади во моментот не одат во училиште, а едно од 11 деца не оди во основно училиште.