Над 250 милиони евра се слеваат годишно во државниот буџет од приходите на обложувачниците

Феноменот обложување не се идентификува во целост само со финансиските импликации, туку истиот тој покажува и длабоки општествени и социјални состојби. Социолозите сметаат дека скудноста е главната причина поради која луѓето сè почесто се обидуваат финансиските проблеми да ги решаваат преку игрите на среќа, а отворањето вакви објекти насекаде е резултат на потребата тие да им бидат достапни на граѓаните во секој момент и на секое место

Над 250 милиони евра се слеваат годишно во државниот буџет од приходите на обложувачниците, така што тешко е да се поверува дека државата едноставно би се откажала од ваквиот приход и би ја редуцирала работата на приредувачите на игрите на среќа кога и самата таа добро заработува.
Постојаните апели на дел од политичките партии, невладините организации, како и на разни други асоцијации на граѓани за спречување на енормното ширење на обложувачниците низ градовите не наидуваат на разбирање во институциите, па експанзијата воопшто и не би требало да зачудува.

Објекти за игри на среќа никнуваат во центрите на градовите, во близината на училишта, градинки, буквално секаде каде што ќе се ослободи деловен простор.
Со измените на Законот за игри на среќа се предвидува објектите во кои ќе се приредуваат игри на среќа да бидат оддалечени 500 метри од училиштата и другите образовни институции, иако учениците на пат кон училиштата поминуваат токму покрај ваквите објекти.

На ваквите најави реагираат од Асоцијацијата на спортски обложувачници, кои велат дека со ваквите ограничувања голем дел од обложувачниците ќе бидат затворени и ќе се отвори терен за нелегално обложување, со што сите ќе загубат.
Но феноменот обложување не се идентификува само со финансиските импликации, туку тој покажува и длабоки општествени и социјални состојби. Социолозите сметаат дека сиромаштијата е главната причина поради која луѓето сè почесто се обидуваат финансиските проблеми да ги решаваат преку игрите на среќа, а отворањето вакви објекти насекаде е резултат на потребата тие да им бидат достапни на граѓаните во секој момент и на секое место.

– Овој транзициски период во Република Македонија создаде маса луѓе што се подложни на социјално-економската несигурност и ексклузија, огромна маса социјално загрозени слоеви и голем процент на невработеност. Некои од овие луѓе во спортските обложувачници видоа можност за заработка на некоја дополнителна пара со која ќе можат да ги покријат своите трошоци и обврски кон државата, кои во многу случаи за македонскиот граѓанин се ненамирени – појаснуваат социолозите со кои контактираше весникот.
Социологот Илија Ацевски смета дека местото на обложувачниците треба да биде на периферијата на градовите.

– Државата треба да ја одигра клучната улога и да воведе ред во оваа област, не да ги затвори обложувачниците, туку да ги дислоцира на периферните делови на градот, подалеку од децата – е ставот на Ацевски.
Соседна Албанија, соочена со големиот проблем со коцкањето, особено меѓу младата популација, кон овој проблем пристапи со радикално решение, односно ги дислоцира ваквите објекти надвор од градовите.
Во БиХ ситуацијата е уште полоша, а земјата според бројот на обложувачници се смета за лидер во Европа.
Грција е поригорозна по ова прашање, па голем дел од Грците од северот на земјата, соочени со економската криза во својата земја, со години повеќе ги посетуваат казината во околината на Гевгелија, обидувајќи се на тој начин да дојдат до „лесни“ пари.
Во Србија ситуацијата е иста како во Македонија, обложувачници има на секој чекор, а ништо подобро не е ниту во Црна Гора.
Нешто поразлично е во Хрватска каде што има помал број обложувачници, но таму е актуелно обложувањето преку интернет.

Интересен е фактот што бизнисот со игрите на среќа на Балканот го водат компании од Холандија, Лихтенштајн, Австрија, Велика Британија и Луксембург, а приходите што се остваруваат ги надминуваат годишните приходи и на дел од нафтените и телекомуникациските компании во регионот.
Токму од тие причини, веројатноста да се намали бројот на објекти за игри на среќа низ градовите или тие да се дислоцираат на периферијата засега е многу мала, а единствена надеж е дека подобрувањето на економската состојба на општеството ќе влијае и врз свеста на поединецот, кој повеќе нема да има потреба спасот од економски колапс да го бара во игрите на среќа.