Основното јавно обвинителство Скопје ја отфрли кривичната пријава поднесена од Јове Кекеновски против претседателот и членовите на Државната изборна комисија за кривичните дела – повреда на избирачко право, повреда на слобода на определување на избирачите, уништување на изборен материјал изборна измама.

Кекеновски во пријавата навел дека седумтемина пријавени, вршејќи ја службата во врска со спроведувањето на предвремените парламентарни избори за 2020 година, спротивно на Изборниот закон, ги лишиле од право избирачите од правото да гласаат за коалицијата „Никогаш Северна – Само Македонија“, предводена од политичката партија Единствена Македонија, а во која учествувале и граѓанските здруженија ФРОДЕМ, Тврдокорни и Ветерани на ВМРО 1990 година.

Според наводите во пријавата, откако јавно го утврдиле редоследот на оваа коалиција под реден број 11 на гласачкото ливче, пријавените незаконито наложиле промена и наместо коалицијата со ова име, под редниот број 11 ја впишале само партијата Единствена Македонија. Со ова, навел Кекеновски, тие ги довеле во заблуда гласачите и ги лишиле од правото да гласаат за кандидатите предложени од коалицијата.

– Од доказите произлезе дека на 12.3.2020 година политичката партија Единствена Македонија до Државната изборна комисија поднела листа на кандидати за пратеници со назив „Никогаш Северна – Само Македонија“, при што била извршена идентификација на подносителот врз основа на полномошно од политичка партија, единствен даночен број, отворена трансакциска сметка и изјави за прифаќање кандидатура, сите поднесени од име или за сметка на партијата Единствена Македонија како самостоен учесник на изборите, вклучувајќи и решение за регистрација на политичката партија и потврда од Основниот граѓански суд Скопје за регистрација на партијата. Државната изборна комисија констатирала определени формални недостатоци на поднесените листи, при што се обратила до политичката партија Единствена Македонија со барање да ги отстрани, а партијата постапила по барањето и во дадениот рок доставила исправена документација. По ова Државната изборна комисија ги потврдила листите од политичката партија Единствена Македонија и ги објавила во дневниот печат и во Службен весник, на што партијата не приговорила – соопштија од Обвинителството.

По предвремените парламентарни избори и објавата на првичните резултати, партијата Единствена Македонија повела постапка пред Државната изборна комисија, во која меѓудругото го оспорила и називот под кој била евидентирана на гласачкото ливче. Државната изборна комисија го разгледала и донела решение со кое го одбила приговорот како неоснован, со образложение дека називот на листата е определен согласно закон, односно според називот на подносителот на листата. Управиот суд исто така со пресуда ја одбил тужбата на Единствена Македонија како неоснована со истите аргументи.

– Видно од целокупната документација која е од име и за сметка на политичката партија Единствена Македонија, оваа партија самостојно учествувала на изборите, а не во коалиција со други субјекти, како што стои во пријавата, бидејќи тие субјекти се граѓански здруженија и не ги исполнуваат законските услови да учествуваат во изборна коалиција. Исто така, целата постапка, писмена комуникација и размена на преписки и писмена била со партијата Единствена Македонија, со што овој подносител и самиот се идентификувал и прифатил да му се обраќаат како на самостоен учесник во изборниот процес – се наведува во соопштението.

Дополнително, велат од скопското обвинителство, неоснован е наводот дека пријавените ги довеле во заблуда гласачите и дека ги оневозможиле гласачите да ги изберат кандидатите предложени од политичката партија Единствена Македонија, бидејќи уште пред одржувањето на изборите јавноста била запознаена со називите на сите подносители на листите и нивниот редослед на гласачкото ливче.