Фото: Игор Бансколиев

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, заедно со увидни екипи на Министерството за внатрешни работи, го заврши увидот на местото на тешката сообраќајна несреќа што се случи на патниот правец Скопје – Тетово, во која 14 лица го загубија животот, а повеќемина се повредени.

– Автобусот на компанијата „Дурмо турс“, кој преминувајќи преку двете сообраќајни ленти излета од автопатот и се преврте во близината на стариот пат, е кренат од местото на несреќата и по наредба на јавниот обвинител врз него ќе се врши детално техничко вештачење од страна на Mашинскиот факултет во Скопје – соопшти обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител ќе ја побара целокупната документација од компанијата „Дурмо турс“

– Возачот што управувал со автобусот е хоспитализиран и добил телесни повреди. Веднаш по несреќата јавниот обвинител имаше првичен разговор со него и притоа тој не даде релевантни податоци за целиот настан. Јавниот обвинител усно е известен дека анализата на примероци на крв и урина покажала дека во моментот на несреќата кај возачот не е регистрирано присуство на алкохол, лекови или психотропни супстанции. Со барање листинзи од мобилен оператор ќе се утврдува дали возачот во моментот на несреќата користел мобилен телефон – велат од обвинителството.