Основното јавно обвинителство Скопје, по извршени детални проверки, донесе резолуција дека нема место за јавнообвинителско постапување во случајот „Теретана“, кој беше отворен кога во јавноста беа објавени видеа на кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, наводно, посетува фитнес-центар додека тие беа затворени со одлука на Владата.

– Основното јавно обвинителство Скопје издаде наредби за обезбедување на видеозаписите и за вештачење на ДВР-уредите на кои се сочувани видеозаписите од безбедносните камери во фитнесстудиото. Во исто време во својство на сведоци беа испитани повеќе лица. Предмет на анализа беше целокупниот материјал што беше обезбеден и доставен од страна на СВР Скопје, а беше одземен од деловниот субјект во критичниот период – соопшти Обвинителството.

Притоа на прибавените снимки не биле збележани ниту посочените ниту други лица да ги користат услугите на фитнес-центарот спротивно на донесените забрани. Од вештачењето на ДВР-уредите произлегло дека видеозаписите не биле манипулирани, односно беше потврден интегритетот на податоците на доставените уреди.

– Дополнително, надлежниот јавен обвинител ја прибави и документацијата од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР, кој спровел постапка во однос на наводите за присуство на полициски службеници во фитнес-центарот спротивно на мерките за спречување на пандемијата. По проучување и анализа на целокупниот материјал, јавниот обвинител утврди дека во конкретниот случај не постои основано сомневање дека е извршено кривично дело кое се гони по службена должност – соопшти скопското Обвинителството.

Во април на интернет беа објавени видеа на кои се гледа како Мицкоски оди во фитнес-центар и се тврдеше дека се направени за време додека траеше забраната за нивна работа. Тој, пак, тврдеше дека снимката е стара шест месеци.