Со изгласувањето на Законот за прогласување на македонскиот дел од Шар Планина за национален парк од страна на Собранието и потпишувањето на указот од страна на претседателот Стево Пендаровски, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини истакна дека државата донесе историска одлука и го доби четвртиот национален парк по прогласувањето на последниот во 1958 година и првиот по осамостојувањето.

– Кога зборуваме за зелена агенда, или Европскиот зелен договор, ова е тоа што тој всушност значи. Зачувување на природните вредности кои ги имаме со истовремено креирање на економски можности за развој на одржлив начин, што ќе креира и работни места, она што на меѓународно ниво се нарекува зелени работни места – рече Нуредини.

Вкупната површина на паркот е 62.705 хектари, од кои 26,5% е во зона на строга заштита, 49,06% во зона на активно управување и 22.02 % се во зоната на одржливо користење. А предвиден е и една заштитен појас на Попова Шапка со што ќе се овозможи одржлив развој на овој туристички центар.

– Во креирањето на границите се внимаваше да обезбеди хомогеност на зоните, да се следи теренската конфигурација и да се во хармонија со соседните паркови. Предложеното зонирање е усогласено со зонирањето во националните паркови со кои граничи – НП Маврово и НП Шари во Косово и ги зема предвид традиционалните активности во подрачјето како сточарството, земјоделството и слично. Согласно законот, Владата ќе треба да основа Јавна Установа национален парк во рок од 3 месеци, од неговото стапување на сила. Управувачката структура и начинот на функционирање ќе биде ист како и кај сите други национални паркови во државата уредени во Законот за заштита на природата. Ќе се воспостави ренџерска служба, при што разговараме и со Национални Шуми, за да се преземат искусните кадри од подрачните единици што работеле во Тетово и Гостивар, како стручни лица кои најдобро го познават теренот – нагласи Нуредини.

Според Нуредини, конкретните забранети и дозволени активности во подрачјето ќе се уредат во Планот за управување, кој се носи во рок од една година од донесувањето на Законот и за кој веќе се обезбедени средства и меѓународни експерти од Меѓународната унија за заштита на природата ИУЦН, преку Програмата за заштита на природата на Обединетите Нации. Истите веќе работат на терен, со локалното население, со економските субјекти, со цел изнаоѓање на најдоброто решение, информира мин истерот. Нагласи дека процесот на донесување на Планот за управување, исто така предвидува јавни расправи и ќе биде обезбеден инклузивен и транспарентен за сите засегнати страни.

Националниот парк, оцени Нуредини, ќе биде добра основа за креирање на локални брендови за локална храна, угостителски објекти и туристички пакети со што ќе се зголеми продажната моќ на регионот и ќе се поттикне развој на туризмот во сите негови форми.

Се очекуваат бројни проекти со меѓународна поддршка, а со развојот на туризмот се очекуваат и услови за нови вработувања и генерирање на приходи.

– Со прогласувањето на Шара за заштитено подрачје се доближивме до европскиот просек со 13.2% вкупна површина на заштитени подрачја. Шар Планина е и идно Натура 2000 подрачје, а на национално ниво со овој чекор ние и ги исполнуваме целите од Конвенција за биолошка разновидност и ги остваруваме и националните цели од Стратегиите за заштита на природа и биолошка разновидност. Не треба да заборавиме дека националниот парк Шар Планина е последното делче од сложувалката што недостасуваше изминативе десетина години за да се создаде едно од трите прекугранични заштитени подрачја на европско ниво – истакна министерот.

„Изгласувањето на овој закон е првиот чекор со кој тргнуваме во вистинскиот правец, но работата за заштита на природата и обезбедување на социо-економски развој и подобрување на животот на локалното население допрва започнува“, рече Нуредини.