Законот за инспекциски надзор на животната средина е неопходно конечно да го види светлото на денот, бидејќи со одложување на неговото носење, се занемаруваат штетите врз квалитетот на животот, а Европската комисија континуирано ги бележи негативните извештаи од Македонија, беше заклучено на јавната расправа за нацрт-Законот за инспекциски надзор во животната средина, која се одржа во Клубот на пратеници. На расправата свое обраќање имаа министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, Драгана Черепналковска од Секторот за Европска Унија и Ана Петровска од Државниот инспекторат за животна средина.

Главни прашања кои ги уредува овој предлог-закон се организација и планирање на инспекцискиот надзор, како и одредбите за спроведување, додека главната цел е да се надминат одредени недостатоци, особено во недостатокот на кадар од областа на животната средина.

На јавната расправа се дискутираше за потребните за донесување на законот за инспекцискиот надзор, за претходните напори да се донесе овој закон уште од 2016 година, како и за неговите содржини и главните прашања кои ќе ги уредува.

– Со овој закон за инспекциски надзор за животна средина сакавме да ги доловиме и регулираме сите специфики коишто не се покриени со законот за инспекциски надзор, кој е обврска за сите други инспекторати, меѓутоа екологијата е една десеттина и е многу комплексна. Од тие причини сакавме да обезбедиме стандардизирање на инспекциската постапка со користење на алатки како што се вестите за проверка, понатаму да направиме стандардни оперативни структури кои се специфични истражни постапки, каде што треба да се вклучат други институции и органи – изјави Ана Петровска, директорката на Државниот инспекторат за животна средина.

Петровска се заблагодари за напорите коишто тимот на Министерството за животна средина и Инспекторатот за животна средина ги направија во финализирањето на оваа верзија на нацрт-законот и којашто влегува во постапка за јавна консултација. Таа додаде дека има потреба од уште малку регулации, но е среќна што овој закон конечно ќе ја здогледа светлината на денот по толку долго подготвување.

– Повторно имаме јавна расправа за овој закон, кој неколку пати се обидувавме да го донесеме и не успеавме. Законот е работен во рамките на твининг-проектот. Во 2015 година кога почнавме, имавме идеја дека треба да имаме посебен закон за инспекциски надзор. Меѓутоа, врз основа на анализата на националното законодавство во тој период, со оглед на тоа што тогашната состојба на државата не одговараше на барањата на ЕУ, сфативме дека е најдобро да пристапиме кон изработка на посебен закон, со кој сите овие прашања од областа на инспекцискиот надзор на животната средина ќе бидат уредени – изјави Драгана Черепналковска од Секторот за Европска Унија во Министерството за животна средина и просторно планирање, чиј сектор е задолжен за подготовка на законодавството за животна средина и неговото усогласување со правото на ЕУ.

По подготовката на законот во 2016 година, поради континуирано негативно мислење од тогашниот инспекциски совет, законот не беше донесен, и затоа веќе шест години по ред, во извештаите за Европска комисија за напредок на државата, тоа е заведено како негативна забелешка.

– За поздравување е предлогот за носење закон за инспекциски служби во животната средина и решеноста после шест години законот да биде поднесен за усвојување во Владата. Ние ги поднесовме нашите забелешки, зад нив стојат над триесет организации. Го анализиравме предложениот нацрт, и во принцип имаме и генерални и конкретни забелешки. Од наша страна стоиме на располагање да бидеме вклучени во работниот процес и да бидеме вклучени во подобрување на законот и се надеваме дека јавните консултации ќе бидат интегрирани во законот – изјави Дејан Андонов, координатор на кампањата „Разбистри се“.

Министерот Нуредини се заблагодари за поддршката и подготвеноста на организациите да соработуваат, и изјави дека ќе бидат разгледани сите доставени предлози. Тој додаде дека Македонија има потреба од повеќе инспектори и инспекциски служби, бидејќи нивото на загадување е големо и не се контролира. В.Т.