Со воведно обраќање, во кое ја акцентира поврзаноста на животната средина, отпорноста кон климатските промени и исполнувањето на целта 7 од целите за одржлив развој на ОН, министерот за животна средина, Насер Нуредини, го отвори вториот ден од „Македонскиот енергетски форум 2021: Мапирање на енергетската иднина“ (МЕФ), насочен кон енергетската иднина на регионот и мапирање на енергетската иднина на земјите од Западен Балкан.

„Тоа е посебен знак кога Министерството за животна средина е покането двапати во рок од една недела на форум за финансии и енергија. Тоа покажува дека го прифаќаме фактот дека животната средина е клучот за нашата иднина и дека климатските промени имаат значајно влијание врз нашата егзистенција, меѓутоа она за што треба да се подготвиме се импликациите што ќе ги има врз нашите животи во иднината и егзистенцијата на нашите деца и идните генерации“, рече Нуредини.

Според министерот, неодамнешните природни непогоди предизвикани од климатските екстреми, како што беа поплавите во Њујорк, пожарите што ги зафатија нашите шуми и слично, јасно го покажуваат лицето на климатските промени и на потребата од концентрирање на ублажување на овие настани и градење на инфраструктура отпорна на последиците од климатските промени.

Нуредини укажа и на амбициозниот национален придонес кон договорот од Париз, со кој како држава поставивме цел до 2030 година да ги намалиме емисиите на стакленички гасови за 52 % или нето од 85 % до 2030 година во споредба со 1990 година.

„За земја во транзиција звучи како многу амбициозен план, сепак ние сме посветени да го зголемиме својот удел во производството на обновлива енергија со инвестирање во соларна енергија, енегија од ветер, во изградба на ‘Чебрен’, голема ХЕ, која треба да обезбедува повеќе од 300 мегавати елекрична енергија, што ќе игра клучна улога во балансирањето на нашата електрична мрежа. Понатаму, ние сме посветени да имаме разновидно портфолио за производство на енергија. Инвестирањето во гасоводите и инфраструктурата за дистрибуција на гас ќе помогне во транзицијата од нашите погонски горива РЕК ‘Осломеј’ и особено од РЕК ‘Битола’. Наша цел е да го исклучиме РЕК ‘Битола’ најдоцна до 2030 година“, рече Нуредини.

Од друга страна, напуштањето на јагленот како гориво и инвестирањето во обновлива енергија има силно влијание и врз решавањето на проблемот со загадувањето на воздухот.

„Треба да го разгледаме прашањето за енергетска ефикасност и поддршка на нашите граѓани да инвестираат во своите домови. Со ова не мислам само на индивидуалните домаќинства, туку и на многу институционални згради. Ги задолживме сите наши државни институции и им препорачавме на нашите општини да ги идентификуваат и мапираат сите згради што не користат еколошки системи за затоплување и каде што може да инвестираат во енергетска ефикасност. Исто така, побаравме институциите да предвидат средства во нивниот буџет“, нагласи Нуредини.

На крајот, министерот ја нагласи потребата од поддршка од страна на развиените држави во процесот на енергетската транзиција.

„Кога станува збор за климатските промени, тоа е глобално прашање, а не локално. Затоа, од најголема важност е да се поддржат овие промени финансиски или само технички. И она што би сакал да го потенцирам е потребата да оствариме праведна транзиција за чија реализација верувам и се надевам на помош од ЕУ, особено ако целта е Европа да биде првиот јаглеродно неутрален континент до 2050 година“, рече тој.