Нулта толеранција кон корупцијата, преземање мерки за справување со оваа појава и нејзино искоренување од сите сфери на живеењето, преземање заеднички мерки, акции меѓу сите чинители на ниво на власт, но и во тесна соработка со невладиниот сектор ветија претставниците на Владата, на денешната втора од најавените редовни Отворени денови на Владата со Граѓанските организации.

На вториот Отворен ден насловен „Борба против корупција“ се дискутираа иницијативи поднесени од страна на граѓанските организации, а на темата говореа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заменик министерот за правда Оливер Ристовски, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за образование и наука Арбер Адеми, министерот за култура Асаф Адеми и министер задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски.

– Сите сме сведоци за димензиите кои корупцијата ги зазеде и последиците кои ги причини во општеството изминатиот период и затоа денес имаме многу предизвици со кои треба да се справиме – нагласи Спасовски.

Порача дека корупцијата и нејзината општествена деструктивност мора да бидат спречени и вети бескомпромисно соочување со корупцијата во сите нејзини облици.

За тоа, додаде Спасовски е потребен институционален и граѓански ангажман, нивна меѓусебна соработка и отворање дебати од кои треба да се употреби секоја добра идеја.

Заменик-министерот за правда Ристовски истакна дека во текот на изминатата година Министерството никогаш не било поотворено и потранспаретно во соработка со ГО, особено во однос на изминатите десет и повеќе години.

Додаде дека невладиниот сектор ативно учествувал во носењето на сите законски проекти и неговите забелешки биле вметнати во сетот закони за правосудството.

– Тука најважен е Законот за укажувачи. Со последните измени во февруари 2018 тој се комплетира. Упатуваме апел до сите лица, кои можат да укажат на моменти на коурпција и тоа да го сторат без да се грижат со својот инрегритет – порача Ристовски.

Министерот за здравство Венко Филипче, нагласувајќи дека коруцијата е закана за основните човеки права и слободи, која има штетно влијание врз социо-економскиот развој на земјата и животот на граѓаните, напомена дека Министерството заедно со Владата и во партнерство со ГО и здруженијата на пациенти работи напорно во борба против овој феномен. Додаде дека ефективната борба против корупцијата бара специфични, но добро насочени мерки.

– Свесни сме дека корупцијата не може да се искорени преку ноќ, напротив борбата против корупцијата е чекор по чекор, проект по проект, еден многу долготраен процес. Министерството за здравство има план за борба против корупцијата, во овој момент ги разгледуваме можните решенија за да им обезбедиме дополнителна работа на докторите, односно остварување на нивното право за дополнителен приход – вели тој и нагласи дека од септември ќе бидат зголемени и платите на здравствените работници.

Министерот за образование Арбер Адеми нагласи дека дефакто образованието е една од сферите, која најчесто се поврзува со сторени или индиции за сторени коруптивни активности од оние кои даваат и овозможуваат образовни услуги во сите нивоа на образованието.

– Ставот на актуелната Влада е јасен – нулта толеранција кон корупцијата и сите нејзини облици – рече Адеми и додаде дека имформирањето за облиците на корупција и нивното препознавање од страна на учениците од најрана возраст е најдобриот начин да се превенира оваа појава.

– Познатиот антички филозоф Хералкит вели дека луѓето треба да се борат за законите, како што се борат за ѕидините на својот град. Борбата за државата е борба за законите, ако не се изборите за законите ја губите државата. Корупцијата ја напаѓа државата и од внатре и од надвор и се стреми да ја дестабилизира – им порача на присутните министерот за култура Асаф Адеми.

Нагласи дека за процесот на справување со корупцијата е непоходна поддршката од граѓаните.

Се осврна на негативните појави кои во измимнатите 11 години се случувале во Министерството за култура, кое било препознавано како едно од најкорумпираните, особено преку проектот Скопје 2014, кој сега е предмет на истрага на СЈО.

– Злоупоптребата на службена должност, прекршување и забиколување закони за различни форми на непотизам, притисоци се главни форми преку кој беше реализиран овој проект – нагласи тој и додаде дека постојат основани сомневања дека вакви незаконски дејности се вршеле и во капитални проекти на издаваштвото.

На денешниот втор Отворен ден на Владата на РМ со ГО, во дебатата учествуваат голем број претставници на граѓанското општество со свои предлози и сугестии за одредени политики како и за начинот на кој понатаму треба да се остварува оваа соработка.