Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска имаше средба со нашите историчари, членови на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на која беа присутни и претставници од Министерството за надворешни работи и Кабинетот на премиерот.

Денешните разговори се во рамки на тековните консултации во однос на работата на Комисијата пред утрешната средба со нивните бугарски колеги во Охрид.

– На средбата беше истакнато дека Владата останува посветена на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, како и на негувањето на дијалогот и градење на заеднички консензус за сите прашања од делокругот на работа на Комисијата – информираат од владината прес-служба.

Премиерот Зоран Заев претходно денеска на конференцијата на почесните конзули  изјави дека очекува оти Бугарија ќе покаже конкретна поддршка во Советот за општи работи и во Европскиот совет затоа што тие искрено сакаат да не поддржат и имаат обврска согласно со Договорот.

Заев рече дека Бугарија е еден од најголемите пријатели на Македонија и потсети дека Бугарија беше една од првите држави што го ратификуваше договорот за пристапување кон НАТО. Премиерот изјави дека преку овој Договор досега е најдено решение за шест историски личности и четири историски периоди, а сега доаѓа петтиот период којшто не е лесен, но тоа не значи дека нема да биде изнајдено решение.