Граѓаните, граѓанските организации – бизнис-секторот од вчера можат да ги користат податоците од нов портал за отворени податоци на државните и локалните институции data.gov.mk, кој беше промовиран во Владата. Тој, меѓу другото, треба да ја зголеми транспарентноста на институциите, да ги подобри услугите и ефикасноста на јавниот сектор, да ги вклучи граѓаните во креирањето политики, како и да обезбеди нови можности за бизнис-секторот.

– Она што сакаме да го постигнеме со отворањето на овој портал е да ја подобриме испораката на услуги и ефикасноста на јавниот сектор. Тој овозможува и зголемување на учеството на граѓаните при креирањето на политиките, но и при анализа на резултатите од она што ние го правиме. Наша главна заложба како министерство е да ги донесеме услугите до граѓаните и тоа е многу полесно отколку физички нив да ги носиме до институциите. Ова е само еден од механизмите како може тоа да го направиме – рече министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Тој информира дека засега на порталот 42 институции имаат свои информации, поделени во 103 податочни сетови. Полнењето на порталот, рече, е процес што никогаш нема да заврши затоа што постојано ќе има нови и нови податоци, кои ќе треба да се отворат за граѓаните. Министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, смета дека отворените податоци, освен што придонесуваат за зголемување на транспарентност и отчетноста, се силен поттик за економски и социјален развој на државата. Амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галовеј, смета дека секоја државата треба да го користи дигиталниот пристап кога станува збор за пристап до податоците, и да биде во чекор со современите технолошки достигнувања и развој.