Започна работната средба за законот за јавно обвинителство на парламентарните групи по одржаната дводневна јавна расправа во парламентот. На средбата треба да се разгледаат забелешките кои ги дадоа правните експерти, по што се очекува законот по скратена постапка да влезе во собраниска процедура.

На состанокот во Собранието се присутни претставници од сите партии – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса за Aлбанците, БЕСА, како и независната пратеничка група на ВМРО- ДПМНЕ.

Неизвесно е каков ќе биде исходот и дали ќе има договор, по реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која минатиот пат ја напушти средбата, со образложение дека не им било исполнето барањето присутен да биде и обвинителот Љубомир Јовески. Сепак, опозицијата не беше до крај доследна на својот услов и на јавната расправа, откако се појави обвинителот, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со транспарент од галеријата се обидоа да го блокираат говорот на Јовески. Но, како што најави власта, ако опозицијата не даде зелено светло, за законот ќе се бара двотретинско мнозинство со кое би бил донесен до распуштањето на Собранието.

– Добро би било законот за јавното обвинителство да се донесе пред распуштање на Собранието и на тој начин да ѝ помогнеме на државата – порача вчера претседателот на СДСМ, Зоран Заев.