На македонскиот пазар се присутни килибарните ѓерданчиња, кои родителите ги купуваат за нивните деца полесно да го поминат процесот на дентиција, односно вадењето на забите, но тие досега не го привлекоа вниманието на овдешните здравствени власти, иако Американската агенција за храна и лекови предупреди тие да не се користат бидејќи се евидентирани повеќе случаи на давење, задушување и труење

Килибарните ѓерданчиња, кои родителите ги купуваат за нивните деца полесно да го поминат процесот на дентиција, односно вадењето на забите, иако присутни на македонски пазар, не го привлекоа вниманието на овдешните здравствени власти откога Американската агенција за храна и лекови издаде предупредување за родителите, негувателите и здравствените работници за ризикот од нивното носење. Од агенцијата предупредија дека килибарните ѓерданчиња не треба да се носат за ослободување болка при вадење заби, бидејќи добиле доста голем број пријави за смртни случаи предизвикани од задушување.

Накитот за ослободување болка при вадење заби доаѓа во разни форми, како ѓерданче или алка. Ваквите производи на големо се произведуваат и продаваат не само во странство туку и во Македонија, а родителите, убедени дека накитот ќе им помогне на нивните деца, масовно ги купуваат. Станува збор за накит од фосилна смола од дрвја, а карактеристичен е по тоа што е топол на допир дури и на минусни температури. Тој испушта негативни јони, кои наводно влијаат на јакнење на имунитетот и на намалување на болката при вадење заби. Ѓерданчињата за деца се изработени од мали бисерчиња од килибар. Полни се со сукцинатна киселина, која наводно има благотворно дејство врз целиот организам. Кога ќе се стави на вратот на детето, од допирот со човечката кожа, килибарот ослободува лековити масла, кои, според произведувачите, им помагаат на децата за полесно вадење на нивните запчиња. Според достапните податоци, килибарот има и слабо аналгетско дејство, па затоа се смета дека им помага на децата во процесот на дентиција.

– Знаеме дека килибарните ѓердани станаа екстремно популарни кај родителите што сакаат да им помогнат на своите деца за намалување на болката при растењето на забите. Загрижени сме за ризиците што ги носат со себе овие производи и затоа апелираме до родителите да бидат претпазливи. Родителите треба да ги следат препораките од Американската асоцијација на педијатри, за достапните и безбедни начини што им стојат на располагање во процесот на растењето на забите кај нивните деца, како што се гумичките за гризење – велат од Американската агенција за храна и лекови.

Оттаму велат дека регистрирале голем број случаи на задушување и давење, но и повреди на устата и инфекции. Задушувањето се јавува како последица на оштетување на ѓерданот, додека давењето се случува доколку ѓерданот се затегне околу вратот на детето додека спие. Ризик е и количеството на сукцинатната киселина што ја ослободува килибарот и која навлегува во крвотокот на детето, и тоа во непознати количества.

– Производителите тврдат дека овие производи помагаат при дентицијата кај децата, но ние не констатиравме дека се безбедни и поради тоа апелираме родителите да не ги користат овие производи – велат оттаму.

Од Агенцијата евидентирале смрт кај седуммесечно бебе, кое се задушило од мониста од вакво ѓерданче, додека 18-месечно дете се задавило откако неговото ѓерданче се затегнало премногу додека спиело.

Килибарните ѓерданчиња се доста популарни и во Македонија. Мајките во обидот да ја намалат болката при вадењето заби на своите деца масовно ги купуваат овие производи.

– Син ми од својот трет месец има килибарно ѓерданче. Не дека нешто многу ни помогна во вадењето заби, но е убав моден детаљ – вели Наталија Стојановска, мајка на 20-месечно дете.

Од аптеките велат дека килибарните ѓердани можат да се купат по разни цени, во зависност од квалитетот на килибарот. Најпознат е оној балтичкиот, кој достигнува цена и над 1.500 денари, во зависност од каде ќе се купи.

– Имаме побарувачка на накитот и се продава. Во зависност од можностите на родителите, може да се најде некаде од 700 па до две илјади денари – велат во една од скопските аптеки.

На прашањето дали ги предупредуваат родителите кога ги купуваат овие ѓердани, во аптеката посочуваат дека предупредувањето е испишано на пакувањето на производот, но и тие редовно ги потсетуваат родителите дека детето не треба да го носи ѓерданот кога спие.

– Сепак, на крајот останува на совеста на родителите. Тие се одговорни за своето дете – заклучуваат оттаму.