Нови три рочишта денеска се закажани во Кривичниот суд за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Титаник 3“, „Топлик“ и „Транспортер“.

Во предметот  „Титаник 3“  обвинети се Ејуп Аљими и Исмет Гури, затоа што како членови на Општинската изборна комисија во Чаир „уништувале изборен материјал“.

Претходното рочиштето за овој предмет беше одложено поради итни семејни обврски на втората судијка Годрана Спировска.

Ново рочиште во Судот треба да се одржи и за предметот „Топлик“, во кој се осомничени поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште пет лица за продажбата на градежна парцела во скопско Сопиште. 

Првоосомничениот Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“.
 

На обвинителна клупа денеска треба да седнат и обвинетите во предметот на СЈО „Транспортер“. Поранешниот битолскиот градоначалник Владимир Талески и уште 20-тина лица во овој случај се товарат за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена проневера на околу 360.000 евра.