Фото: Игор Бансколиев

Токму македонските автомобили на чии регистарски таблички стоеше кодот МК беа најчеста цел на насилници во Грција, па неретко граѓаните се враќаа со изгребани возила, скршени ветробрански стакла или со испишани националистички пораки врз автомобилот

Издавањето на новите регистарски таблички за возилата со кратенката „НМК“, што е обврска од Преспанската спогодба, треба да започне кон крајот на неделата, информираат од МВР. Во согласност со договореното, сега на сината лента на таблицата наместо досегашниот код „МК“ ќе стои „НМК“.

Инаку, и претходно на граничните премини на возилата што од Македонија влегуваа во Грција им се издаваше лепенка на која беше отпечатен кодот „НМК“, како преодно решение до почетокот на изработката на новите регистарски таблички. Оваа лепенка е бесплатна.

– Со измената бр. 37/19 на Правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблички, формата и содржината на регистарските таблички и на пробните таблички на возилата, се пропишува дека на сите видови регистарски таблички уредени со овој правилник, во делот каде што е испишана националната автоознака на Република Македонија, како и на вертикално поставената национална ознака „МК“, се става налепница со идентична димензија како националната автоознака на Република Македонија, односно вертикално поставената национална ознака „МК“, на која е испишана националната ознака „НМК“. Со следната измена бр. 67/19 се врши интервенција во однос на уставното име на државата, односно се предвидува издавање на нови регистарски таблички од 15.6.2019 година – информираат од МВР.

Од Министерството уште информираат дека и лепенката со кратенката „НМК“ ќе се применува до 12.2.2024 година.
Токму македонските автомобили на чии регистарски таблички стоеше кодот „МК“ беа најчеста мета на насилници во Грција, па неретко граѓаните се враќаа со изгребани возила, скршени ветробрански стакла или со испишани националистички пораки врз автомобилот.

Инаку, цената на актуелните регистарски таблички изнесува 1.200 денари и уште дополнителни 250 денари за изработка на нова сообраќајна книшка.
– Засега немаме информации дали новите таблички ќе бидат задолжителни за сите возила. Сега нови таблички во најголем дел издаваме на новите, но и на половните возила што првпат се регистрираат, а се увезени од странство. Запознаени сме дека ќе има некакви промени, но досега од МВР немаме официјален допис за измените – велат од станиците за технички преглед, каде што се издаваат табличките.

Во однос на издавањето нови патни исправи, како што информираат од Министерството за внатрешни работи, нема прецизен датум од кога ќе започне оваа постапка, но појаснуваат дека граѓаните навреме ќе бидат информирани.

– Претстои ревидирање на Правилникот за обрасците на патните исправи и визи на државјаните на Република Македонија, за начинот на фотографирање и земање потпис за патните исправи и за водење евиденција, со што ќе се предвидат формата и содржината на обрасците на новите патни исправи, а по што ќе следува постапката за набавка на нови патни исправи – велат од МВР.

Обврската за замена на старите со нови лични документи, во согласност со спогодбата од Преспа, изнесува пет години од стапувањето во сила на уставните измени.