Бугарија на средбата во Берлин минатата недела изразила подготвеност да ја прифати преговарачката рамка за Северна Македонија, како и да го поддржи одржувањето на правата Меѓувладина конференција во декември 2020 година за време на германското претседателство со Европската Унија.

Ова се наведува во нон пејперот од средбата, кој на својот Фејсбук профил го објави, Кристијан Фердинанд Вершутц, дописник на ОРФ за Украина и Балканот.

Минатата недела во Берлин се одржа средба на германските министри за надворешни работи и за Европа, Хајко Маас и Михаел Рот со македонскиот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров и шефовите на дипломатиите на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Екатерина Захариева.

Нон пејперот содржи девет потточки во кои е наведено она што е договорено на оваа средба, по која следуваа телефонски разговори на германската канцеларка Ангела Меркел со премирот Зоран Заев и со неговиот бугарски колега Бојко Борисов, но и на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер со неговите колеги од Северна Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев.

– Бугарија, Северна Македонија и Германија ги потенцираа заедничките заложби за европската перспектива на Западен Балкан и за кредибилна ЕУ политика на проширување, како и за зајакнување на регионалната соработка, која е круцијална за стабилноста на регионот. Во овој дух, Бугарија потврдува својата подготвеност да се согласи на преговарачката рамка ЕУ-МКД и за одржување на првата Меѓувладина конференција во декември 2020 година, во текот на германското претседателство со Советот на Европската Унија – се наведува во документот.

Во врска со првата Меѓувладина конференција, Северна Македонија официјално ќе декларира пред земјите членки на Европската Унија и институциите дека кусото име на државата, Северна Македонија, се однесува единствено на политичкиот ентитет „Република Северна Македонија“. Бугарија, како што се наведува во нон пејперот, го задржува правото преку унилатерална изјава во прилог на преговарачката рамка, да изјави дека кога ќе упатува на македонскиот јазик тоа подразбира македонски јазик согласно Уставот на Република Северна Македонија.

Германското претседателството ќе побара од Советот да го земе предвид ставот на Бугарија дека кога ќе упатува на македонскиот јазик тоа ќе се смета дека е согласно Уставот на Република Северна Македонија. Северна Македонија, пак, се додава во документот, е подготвена официјално да изјави дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година.

– Бугарија и Македонија ја потврдија својата заложба за интензивирање на блиската билатерална соработка заснована на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, со специјален фокус на работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, која ќе биде интензивирана и ќе стане потранспаретна, вклучувајќи и објавување на резултатите кои ги постигнала – се вели во документот и се додава дека Германија ја изразила својата поддршка за работата на Комисијата, со размена на најдобрите практики и методологии.

Во Берлин било договорено и дека Бугарија и Северна Македонија официјално ќе го реафирмираат членот 11 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, вклучително и прашањата поврзани со малцинствата, и ќе ја потврдат својата посветеност кон преземање на ефикасни мерки за спречување на негативна пропаганда од страна на институциите и телата, како и да се обесхрабрат активностите на приватни субјекти со цел поттикнување на насилство, омраза и други слични активности што може да ги нарушат нивните односи.