Македонски енергетски ресурси предложи нова траса за гасоводот преку Водно со која максимално ќе се заштити зелениот појас, а во краток рок да можат да почнат и градежните работи на гасоводот. Денеска увид на предложената нова траса извршија вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, директорот на МЕР Бајрам Реџепи и претставници на иницијативата „Го сакам Водно“.

Вицепремиерот Анѓушев ја поздрави иницијативата на граѓаните за заштита на зелениот појас на Водно, при што истакна дека имал намера лично да ја помине трасата по која треба да се гради гасоводот и на лице место заедно со претставниците на „Го сакам Водно“ и директорот на МЕР да утврдат колку зеленило и од кој вид се наоѓа на трасата.

– Невладините организации се коректив на работата на Владата и денес се уверив дека критиките и барањата на иницијативата „Го сакам Водно“ се делумно оправдани. Во однос на нивните барања Македонски енергетски ресурси подготви предлог на нова траса за изградба на гасоводот, во кој предлог максимално се избегнуваат површините покриени со шума, делумно ќе се користат и патчињата и патеките кои веќе постојат, со што за околу 70 проценти ќе се намали влијанието врз зелениот појас во постапка на градење. Владата и МЕР прават максимални напори да се започне со изградбата на оваа делница, секое пролонгирање ќе има негативно влијание врз екологијата. Доколку се пролонгира изградбата на оваа делница за дополнителни 2, 3 или 5 години, тоа значи дека многу домаќинства ќе продолжат да ги загреваат домовите со дрва, а тоа значи дека многу повеќе шума ќе се сече за оваа намена, отколку за изградбата на гасоводот, потенцира вицепремиерот Анѓушев.

Тој појасни дека изградбата ќе се изведува максимално внимателно и дека изведувачите за време на градежните работи ќе го заштитат секое дрво кое не е на трасата на гасоводната мрежа. Тој ги покани и невладините организации да вршат надзор врз градежните работи.

Вицепремиерот и претставниците на граѓанската иницијатива договорија средба на почетокот на наредната недела, на која треба да се усогласат ставовите и да се прецизираат наредните чекори и динамика на изведбата на гасоводот.