Пациентите со хроничната миелоидна леукемија во Република Мекедонија првпат добија можност за лекување со нов специфичен, посупериорен лек, второ-генерацискиот препарат Нилотиниб, соопштија од Универзитетската клиника за Хематологија.

Со овој препарат, како што се наведува, е обезбеден поефикасен третман за болните со ХМЛ, особено за оние кои немаат задоволителен тераписки одговор на прволиниската терапија со препаратот Иматиниб. Средствата за лекот се обезбедени од Министерството за здравство во соработка со Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД). 

Хроничната миелоидна леукемија е малигно хематолошко заболување кај кое е постигнат огромен напредок во лекувањето во последните 20 години. Благодарение на откривањето на специфичната молекуларно таргетирана терапија и лекот Иматиниб значајно се продолжи преживувањето и квалитетот на живот на болните со ХМЛ во светот.

На Универзитетската клиника за хематологија во моментот се лекуваат 120 пациенти со ХМЛ, а годишно се дијагностицираат во просек 14 нови пациенти. Од септември 2011 година, прволиниска терапија за сите пациенти со ова заболување во Република Македонија е лекот Иматиниб, кога современата терапијата за ХМЛ стана достапна и за нашите пациенти.

Достапноста на второ-генерацискиот препарат Нилотиниб, за пациентите со ХМЛ ќе обезбеди поефикасен третман за оние пациенти со ХМЛ кои немаат задоволителен тераписки одговор на препарат Иматиниб. Терапијата за почеток е достапна за 20 болни и ќе обезбеди подобра контрола на болеста кај болните кои не реагираат оптимално на терапијата со Иматиниб.

Воведувањето на Нилотиниб во третманот на пациентите со ХМЛ не само што е од огромно значење за нив, бидејќи добиваат право на нормален живот, туку и е потег со кој македонската медицина фаќа чекор со светските најсовремени тераписки протоколи. Со тоа Република Македонија се вбројува во земји кои обезбедуваат најефикасен третман за своите пациенти кои страдаат од ХМЛ, посочуваат од Клиниката за хематологија.