Современа медицинска опрема, која се состои од два столба – специјални апарати за лапароскопска хирургија и нови хируршки инструменти, од денеска е ставенa во употреба на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, соопшти Министерството за здравство.

Станува збор за т.н. столбови, кои се наменети и ќе најдат примена во прецизната лапароскопска хирургија. Покрај столбовите, за оваа клиника се набавени и хируршки инструменти, како и нова современа технологија што ќе се употребува секојдневно во трите операциони сали.

– Ако земеме предвид дека станува збор за многу софистицирана технологија, тоа значи дека набавката на оваа опрема значително ќе го унапреди квалитетот на пружање здравствена заштита. Истовремено набавката е важна со оглед дека столбовите за лапароскопска хирургија со години не се обновени. Поконкретно, столбовите не се обновени во изминатите 27 години, од 1992 година. Но, со новите апарати и инструменти на лекарите ќе им биде олеснета работата, а пациентите ќе добијат поквалитетна услуга – изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој додаде дека средствата за оваа намена се обезбедени од Министерството за здравство.

Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, Зоран Караџов, вели дека новата опрема е врвот во развојот на технологијата во лапароскопската хирургија и овозможува изведување најсовремени минимално инванзивни процедури, од кои најголема полза имаат пациентите.