Фото: Дарко Андоновски

Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија во Стејт департментот, Филип Рикер, по вчерашната посета на Битола, денес пристигна во Скопје и одржа прес-конференција со премиерот Зоран Заев, а оствари и средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Рикер ја  нагласи неопходноста од продолжување на реформите во насока на зајакнување на севкупниот капацитет на земјата, вклучително и во доменот на правосудството и борбата против корупцијата.

Американскиот дипломат ја реафирмирал силната поддршка на САД за остварување на стратешките цели на Македонија – полноправното членство во НАТО и ЕУ, и вчерашната поддршка на Комитетот за надворешни работи во Сенатот е уште една потврда за тоа.

Димитров рече дека посетата на Рикер се случува во многу важно време за земјата и само еден ден по вчерашнато усвојување на Пристапниот протокол за членство на нашата држава во НАТО од страна на Комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат.

– Поддршката на САД за евроатлантските интеграции на Северна Македонија беше и останува суштинска за постигнувањето долгорочна стабилност, натамошна демократизација и просперитет на земјата и на регионот – истакна Димитров.

Соговорниците ги оцениле билатералните односи како исклучително цврсти и пријателски, засновани на стратешко партнерство и соработка во повеќе значајни области. Беше искажан заемен интерес за постојан политички дијалог и за натамошно унапредување на севкупната соработка.

– Вашата земја секогаш има поддршка од САД и секогаш ќе ја имате и мојата поддршка. Драго ми е што сум тука да го изразам восхитот на САД за сето она што го постигнавте, она што вашата земја го постигна. Преспанскиот договор претставува модел за храбри решенија, за изнаоѓање решенија и способност да се придвижите кон позитивна иднина – истакна Рикер.

На прес-конференцијата со премиерот Зоран Заев, Филип Рикер истакна дека се радува и го очекува самитот во Лондон, на кој се надева дека Македонија ќе биде воведена како 30-та членка на НАТО.

– Како партнери ги делиме и заеднички ги креираме активностите во борбата против тероризмот и другите закани за мирот и сигурноста на светот. Заеднички се радуваме на успесите на двете земји, како и на перспективите што се отвораат со скорешното полноправно членство на нашата земја во НАТО. Досега 21 земја го ратификуваа протоколот за пристапување во НАТО, САД го отпочнаа овој процес и очекуваме дека во септември или октомври оваа постапка ќе биде успешно завршена – изјави премиерот Заев.

Според премиерот Заев, сите навестувања се дека во октомври ќе стигне долгоочекуваната одлука за старт на преговорите со Европската Унија. Се очекува признанието за исполнетите демократски реформи, за прашањата со соседите и определбата на земјата да биде дел од Западниот свет. Според Заев, САД секогаш се тука да помогнат во соработката да станеме дел од Демократскиот современ свет.