Македонија останува посветена како дел од меѓународната хуманитарна акција за помош на граѓани од Авганистан кои во изминатиов период работеа на подобрување на човековите права, демократијата и мирот, соопштија денеска од Владата.

Доцна синоќа на Меѓународниот аеродром во Скопје пристигна нова група од 149 граѓани од Авганистан. Станува збор за стипендисти на Фондациите Отворено општество и граѓани кои работеа во меѓународните мисии за развој на демократијата во Авганистан, како и членови на нивните семејства, додаваат од таму.

Граѓаните, според владините служби, ќе бидат привремено сместени во Скопје додека не се обезбеди трансфер до нивната крајна дестинација. Трошоците во целост се покриени од меѓународните организации.

– По слетувањето доцна синоќа беше спроведена стандардна процедура, безбедносна проверка и заштита, медицинска поддршка, ПЦР тест и можност за вакцина. Црвениот крст им подели хигиенски пакети и облека, а дополнително и за лицата кои претходно пристигнаа во Северна Македонија, Црениот крст дистрибуираше дополнителни средства за хигиена, зимска облека и обувки – се наведува во владиното соопштение.

Потсетуваат дека до сега во земјава пристигнаа вкупно 450 граѓани на Авганистан за кои институциите прават сé да се чувствуваат безбедно обезбедувајќи им ја целата потребна поддршка и помош во текот на нивниот привремен престој во Македонија.