Лабораторијата неодамна се доопреми со апаратура за молекуларана дијагностика (апарат за автоматска екстракција на нуклеински киселини и РТ-ПЦР апарат како и два безбедносни кабинети). Тоа ќе овозможи изведба на тестови за молекуларна дијагностика на САРС ЦoВ-2

Микробиолошката лабораторија во склоп на болницата „8 Септември“ функционира веќе една година, а покрај рутинската дијагностика на бактериолошки причинители на заболувања, лабораторијата врши серолошки тестирања за САРС ЦoВ-2 антитела како и тестирања за САРС ЦoВ-2 антиген со брзи тестови.

Ново е тоа што лабораторијата неодамна се доопреми со апаратура за молекуларана дијагностика (апарат за автоматска екстракција на нуклеински киселини и РТ – ПЦР апарат како и два безбедносни кабинети). Тоа ќе овозможи изведба на тестови за молекуларна дијагностика на САРС ЦoВ-2.

– Според плановите, лабораторијата ќе почне со изведба на ПЦР-тестови само за хоспитализираните пациенти со капацитет за задоволување на потребите на самата болница, а во иднина кога ќе се овозможат потребните услови овие услуги ќе можат да ги добијат и амбулантските пациенти – информира Андријана Шумановска, специјалист по микробиологија и паразитологија во болницата.

Првиот човек на ГОБ „8 Септември“ д-р Христијан Костов, вели дека посебна комисија формирана од Министерството за здравство дала сефритикат дека лабораторијата ги има сите потребни средства и простор и персонал, за да може да функционира како што треба.

– Ќе се прават ПЦР-тестови за ковид, но има и некои други испитувања за други вируси, кои се во групата на пнеумовируси. Првата недела ќе биде само за внатрешни пациенти кои се овде хоспитализирани, а ги имаме многу, околу 110. За било кој оперативен азфат исто така, задолжително се прави ПЦР-тест. Со ова, ќе ни се намали трошокот зашто сега за овие услуги плаќаме на друга лабораторија – вели директорот Костов.