Македонската академија на науките и уметностите(МАНУ) денеска ја посети проф. д-р Ферид Мурад, добитник на Нобеловата награда за медицина и физиологија и член на МАНУ надвор од работниот состав.

Како што соопшти МАНУ, Мурад имал разговор со членовите на Одделението за медицински науки на Академијата и со вработените на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“ при МАНУ.

Раководителот на центарот „Георги Д. Ефремов“, проф. д-р Александар Димовски, го запознал Мурад со нивната работа, тековните научни проекти и соработката со проминентни меѓународни институции од оваа област, а гостинот ја посетил и лабораторијата на истражувачкиот центар.

Ферид Мурад, кој во 1998 година доби Нобелова награда за физиологија и медицина, вчера доби титула „Почесен доктор на науки“ од Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.

Тој е роден во 1936 година во Индијана, САД. Има потекло од гостиварското село Лакавица, каде бил роден неговиот татко.

Автор е на голем број научни трудови од областа на клиничката фармакологија. Во негова чест гостиварската општа болница го носи неговото име.