Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски вели дека јавноста не ја разбрала добро намерата и затоа веднаш ја нападнала, без да ги дознае позитивните страни што би ги донел овој проект

Експертите и стопанствениците не се убедени во успешноста на најавениот проект од страна на Владата, со кој вишокот административци ќе им бидат понудени на приватните компании. Имено, по многубројните забелешки од страна на Европската Унија за кабестата јавната администрација, Владата најави дека ќе работи на реорганизација на оваа сфера, со која се предвидува дел од вишокот административци, наместо да биде отпуштен, да биде префрлен во приватниот сектор.

Но ваквата владина намера не беше најдобро примена од засегнатите страни.

– Пред три години добив решение за работа во детска градинка како воспитувачка, по долги години работење без решение. Платата ми е редовна, придонесите редовно ми се уплатуваат, така што воопшто немам намера да го напуштам ова работно место. Јас сум самохрана мајка, имам две малолетни деца што одат на училиште, па државната работа ми е единствената сигурност во животот. Во приватните компании ја нема таа сигурност, кога ќе им текне, можат да те отпуштат – вели Јасна Г., воспитувачка во една градинка.

Таа додава дека си ја сака работата и нема да прифати, како што вели, експерименти со нејзината и судбината на нејзините деца.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски вели дека јавноста не ја разбрала добро намерата и затоа веднаш ја нападнала, без да ги дознае позитивните страни што би ги донел овој проект.
– Не сакаме брутално отпуштање. Цврсто сум уверен дека имаме шанса како да добијат сите. Државата со тоа што ќе ја намали администрацијата, а компаниите со тоа што ќе добијат работна сила – вели Манчевски.

Тој додава дека компаниите имаат потреба од работна сила и дека поради недостигот од работна сила се потребни кадри и со пониско образование.
– Повеќе не станува збор за висококвалификувана работна сила, туку за најосновна работна сила. Значи не зборуваме за инженери, архитекти, туку зборуваме генерално за недостиг од работна сила – истакнува Манчевски.

Според него, на целата замисла околу трансферот на административците во приватниот сектор треба да ѝ се пристапи со малку поотворен ум и да ѝ се даде шанса да профункционира.

– Идејата е на тие луѓе што се вишок да им се даде понуда да се префрлат во приватниот сектор. Државата на тие луѓе што ќе се префрлат во приватниот сектор, ќе им ги плаќа придонесите. Приватната фирма ќе биде ослободена од давачки икс години, за различни струки различно – вели Манчевски.
Тој додаде и дека на стопанските комори ќе им се даде рок од неколку месеци да достават списоци со нивните потреби за кадар.

Од друга страна, експертите сметаат дека оваа идеја воопшто не е остварлива.
– Не е тоа решение, тоа нема никогаш да се оствари. Се знае по кој критериум влегуваат административците на работа. Всушност, тие се таму за да не работат, а не да работат – смета професорот Борче Давитковски.
Бизнисмените се уште поскептични околу можноста административците да се вработат во приватниот сектор.

– Постојат два момента поради кои не може да се оствари оваа идеја. Прво, тој што работи во администрација не сака да оди во приватен сектор. Втора работа, занемарливо мал дел од администрацијата ѝ е потребен на бизнис-заедницата – вели Горан Рафајловски, бизнисмен.

[email protected]