Екстремно ниските температури што го зафатија пијанечко-малешевскиот регион може штетно да се одразат на овошните насади, сметаат агрономите. Според Неџбедин Мемедов од Агенцијата за поддршка и развој на земјоделството во Делчево, штетата врз овошките ќе биде помала доколку температурите се движат во рамките на минус 15 Целзиусови степени.

– Доколку продолжат ниските температури, а според метеоролозите се најавува остра зима, повеќе со голомразица, сигурно дека ќе се одразат штетно на овошките. Затоа треба да се врши контрола на самите насади. Доколку се задржат овие температури повеќе од еден месец и се движат до минус 20 степени, сигурно ќе се одразат штетно врз овошните насади – вели Мемедов. Тој додава дека последиците од ниските температури најмногу ќе се покажат со сокодвижењето напролет, кога ќе дојде до дехидрација на цели стебла.

– Затоа, за да нема вакви состојби, претходно ова може да се ублажи со солидна исхрана на овошките, која треба да е подготвена во текот на есента со употреба на арско ѓубриво и минимална резидба. Но резидба никако не треба да се прави кога температурата е екстремно ниска, туку треба да се следи временската состојба и да се постапува соодветно – вели агрономот Мемедов. Засега не се очекува студот да предизвика проблеми кај житните култури. Како што велат агрономите, на есенските житни посеви евентуална снежна покривка им е повеќе од потребна. Според прогнозите, снег може да се очекува кон крајот на неделата.