По повод одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против корупција, вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, учествуваше на неколку конференции кои беа одржани преку видеоконференциска врска.

На конференцијата организирана од страна на Државната комисија за спречување корупција, вицепремиерот Николовски истакна дека во владината четиригодишна програма се поставени јасни столбови во борбата против корупција, преку воспоставување соодветни механизми и преку отворена и редовна меѓуинституционална комуникација и соработка.
– Оваа битка ќе трае многу. Ни треба систем кој чесните и заслужните ќе ги наградува, а нема да ги казнува. Во изминатите три месеци воспоставивме пракса на редовна меѓуинституционална координација и размена на информации. Тука мислам и на олеснување на комуникацијата помеѓу надлежните владини институции и независните кои имат важна улога во брзото процесирање на предметите. Затоа што, недозволиво е на ДКСК да ѝ бидат во просек потребни од 2 до 3 месеци за да реши предмет, како што покажуваат истражувања на невладиниот сектор во Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата. Корупцијата е комплексен феномен кој бара експедитивна реакција. Оттаму, како вицепремиер стојам на располагање да помогнам, онаму каде што е можно, односно каде тоа се должи на потешкотии во комуникација. Исто така, очекувам дека целокупната борба против корупцијата значително ќе се подобри веднаш штом ДКСК ги развие електронската изјава за имотна состојба и интереси за функционерите и софтверот за непосреден електронски пристап до базите на податоци на 17 институции – изјави вицепремиерот Николовски.

При тоа Николовски посочи дека во насока на спречување на корупција, се донесе нов поприменлив Кодекс за етичко однесување на членовите на Владата и функционерите именувани од Владата.

На форумот организиран од страна од Советот на Европа, на тема „Контролирање на ризиците од корупција во кризни состојби“, вицепремиерот Николовски посочи дека за Република Северна Македонија како како земја кандидат за членство во ЕУ, од особена важност е поддршката и соработката со Советот на Европа. При тоа потенцираше дека во соработка со програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, во тек се подготовките за изработка на физибилити студија за потребата од донесување Закон за потекло на имот и капитал на лица кои извршуваат јавни финкции.

На панел-дискусијата организирана од Амбасадата на САД, вицепремиерот Николовски истакна дека еден од приоритетите на Владата е јакнење на институциите, координираност и меѓусебно поврзување на надлежните ининституции кои треба да покажат резултат во борбата против корупцијата. Воедно, Николовски посочи дека транспарентноста и отчетноста се една од клучните алки во спречувањето на корупцијата, на што Владата посветува сериозно внимание.