Фото: Игор Бансколиев

Република Македонија се брани со ум и со срце, без насилство, но со силна и со недвосмислена волја да се стои на својот став дека ние не сме колонија, не сме тиква без корен, не сме измислена нација и не сме примитивци

Билјана Ванковска


Текстот на договорот меѓу Атина и Скопје, дочекан со мошне изнасилена еуфорија од меѓународните кругови, е мошне контроверзен текст. Ако за секој договор важи тезата дека „ѓаволот е во деталите“, на 20 страници наоѓате многу детали и многу сомнежи за нивното значење, толкување и имплементација. Република Македонија веќе има искуство и со Привремената спогодба (која остана неиспочитувана) и со рамковниот договор. Но без да навлегувам во деталите, најспорни се две работи: првата е преседанот една држава да прифати соседната држава да ѝ наметне уставна реформа, односно како „овластен предлагач“ да се појави туѓа држава, која дури и диктира уставни решенија. Втората работа е, се разбира, опсегот на употреба или неверојатното грчко разбирање на принципот ерга омнес, при што не само што својата волја ја наметнува врз властите и врз граѓаните на оваа суверена земја, туку и бара влијание врз сите членки на ООН, а притоа таа го задржува правото да нѐ нарекува со име што би било без превод ни на грчки, ни на англиски (Severna Makedonija). Дека патот до пеколот е поплочен со добри намери гледаме и во овој пример: без изграден национален, или барем политички консензус, Владата коцкарски стави сѐ на една карта и во тајни преговори дојде до наводно решение, за кое дури очекува да биде дочекано со среќа. Ваквиот однос кон граѓаните, но и кон институциите со овластувања во меѓународните односи и политичките актери, ќе се врати како бумеранг. Наместо отворање перспективи за развој и евроинтеграции, ние влегуваме во нова фаза на уставна, политичка, и на општествена криза во чиј центар се повторно т.н. големи, национални теми. Истото тоа се случува и во Грција. И згора на сѐ, пораката од НАТО и од ЕУ е дека дури и потпишувањето на договорот, или неговото прифаќање на референдум, нема да биде доволно за да се подобри статусот на Македонија во тие организации. Народот би рекол, не умри магаре до зелена трева. Од нас се бара премногу, а се добива само надеж и дисциплина на кичмата – и сѐ зависи од добрата волја на некоја (идна) грчка влада и парламент.

***
Ова го пишувам не за да обесхрабрам, туку само да кажам дека тоа не смее да не нѐ засега, да нѐ обесхрабрува и става во дилема. Ние сме носители на суверенитетот на оваа земја, ние сме демосот! Од нас зависи, а не од нив, од естаблишментите и од нивната пропаганда. Битката ќе биде жестока и ни малку лесна или нежна. Кој е плачко/плачка нека си седи дома. По патот не ни требаат дезертери и кукавици. Но оние што ќе останат, ќе мора да знаат дека Република Македонија се брани со ум и со срце, без насилство, но со силна и со недвосмислена волја да се стои на својот став дека ние не сме колонија, не сме тиква без корен, не сме измислена нација и не сме примитивци. Овие фаланги што ги користат против нас (и нашиот здрав разум) ги кршат сите елементарни принципи и вредности на она што наводно го застапуваат, почнувајќи од Повелбата на ООН.

Авторката е универзитетска професорка