Не сум песимист за иднината на Европа

ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ СО ИТАЛИЈАНСКИОТ ПОЛИТИЧАР РОМАНО ПРОДИ

Република Македонија треба повторно да биде ставена во првиот ред за пристапување во Европската Унија, бидејќи процесот е веќе одамна почнат и сега треба да се продолжи. Унијата треба да продолжи со процесот за проширување особено по брегзит, а Брисел треба да демонстрира дека зачленувањето сѐ уште е атрактивно за европските држави што не се членки, вели поранешниот италијански премиер и претседател на Европската комисија Романо Проди

Романо Проди е италијански економист и политичар, премиер на Италија во периодот од 1996 до 1998 и од 2006 до 2008. Тој бил и десеттиот претседател на Европската комисија од 1999 до 2004 година и многу години е составен дел на неколку тела на ООН. Проди во ексклузивно интервју за „Нова Македонија“ говори за актуелните политички случувања во земјата, релациите меѓу Италија и Македонија и дава свој осврт на глобалните настани и геополитичките проблеми што ги мачат светот и Европа.

Како искусен политичар што бил на одговорни државни и меѓународни функции во Италија, Европа и во ООН, дали ги следите и како ги оценувате политичките случувања во Македонија?
– Со своите коментари јас никогаш не навлегувам во внатрешните случувања на една држава. Но јас внимателно го следам развојот на релациите меѓу Македонија и Европската Унија и верувам дека Македонија мора да направи сѐ за да му помогне на процесот за зачленување на земјата во европското семејство. Во тој правец сакам да признаам дека сѐ уште навивам Македонија да пристапи кон Унијата, но тоа го правев и во периодот пред 2010 година. Тогаш стигнавме многу близу до исполнување на целта, но внатрешното прашање и европската економска криза го сторија своето. Се надевам дека сега оваа приказна можеме да ја почнеме повторно. Република Македонија треба повторно да биде ставена во првиот ред за пристапување во Европската Унија, бидејќи процесот е веќе одамна почнат и сега треба да се продолжи. Унијата треба да продолжи со процесот за проширување особено по брегзит, а Брисел треба да демонстрира дека зачленувањето сѐ уште е атрактивно за европските држави што не се членки.

Во контекст на претходното прашање, каков е вашиот коментар за последните настани во македонскиот парламент поврзани со промената на уставното име на државата заради идното членство на Македонија во НАТО и во ЕУ, ако се знае дека Македонија беше подложена на притисоци однадвор спротивно на меѓународното право и на сувереното право за самоопределување на секоја земја?
– Видете, јас во своите говори никогаш не коментирам внатрешна политика на државите, но морам да напоменам дека доколку бил постигнат разумен компромисен договор, кој ги зацврстува вашите релации со ЕУ и со соседот, тогаш се надевам дека вашиот избор за договор ќе биде дефинитивен и силен. Договорот практично ви кажува: видете сега немаме условно кажано политички непријател во соседството туку пријател и сега ќе напредуваме нанапред.

Можете ли да направите паралела на државните релации помеѓу Македонија и Италија од времето кога вие бевте премиер во вашата земја и сега? Дали таа се движи во нагорна или во надолна линија?
– Во овој момент јас не сум во италијанската влада, но она што можам да го кажам е дека кога бев премиер на Италија, јас цврсто верував дека на овој план секогаш можеме да постигнеме повеќе. Ние сме условно кажано соседи на југот на Европа и негуваме слични традиции, кои се творба на регионот и блискоста на народите, а дополнително немаме интереси што ни се прекршуваат или се спротивни.

Меѓународната јавноста ве познава и по прекарот Професор, а како некогашен професор по економија како го цените вие развојот на економската соработка меѓу Италија и Македонија, и има ли простор за нејзино евентуално подобрување?
– Македонија во овој правец негува блиски релации со Германија и тоа е добро, но јас верувам дека има простор за зголемување и подобрување на соработката меѓу двете држави и за заедничка корист и на македонската и на италијанската страна, кои се позиционирани во истото соседство.

Какви се политичката и економска состојба во вашата држава и кои се најголемите предизвици што стојат сега пред Италија?
– Сега политичката состојба во Италија е целосно различна од онаа во времето кога јас бев на функција. Во тоа време, ние имавме таканаречен чист политички судир меѓу партиите на десниот центар и на левиот центар, а сега функционира нешто што не може да се спореди со минатото. Сега во Италија врз основа на договор на власт функционираат две сосема различни политички партии и струи, кои се спротивни една од друга, и чие функционирање не соодветствува со она од минатото во кое едната страна се залагаше за намалување на даноците и за слобода на пазарот, а другата страна за зголемување на социјалната заштита и за добросостојбата на широките маси. Дополнително, во тоа време, во италијанската политика дејствуваше партиско функционирање, кое имаше визија за долготрајни цели, а сега сето тоа е сведено на краткотрајни одлуки и популизам, кои се носат само до следните избори. Да заклучиме дека сега, за разлика од минатото, комплетно се различни основните базични идеолошки политички вредности.

Македонија наскоро треба да биде посетена од папата Франциск, што ќе значи тоа од верски и од државен аспект за Македонија?
– Оваа посета е комплетно во духот на папата Франциск, но исто така и во духот на Европа. Поделбата на христијанството е историска трагедија. Јас не верувам дека посетата како оваа може во брзо време да ја промени ситуацијата, но со сигурност ќе претставува битен дијалог. Со оваа посета политичката порака е дека ќе имаме заеднички дијалог, а од верска перспектива пораката е дека ќе се молиме заедно.

Како ја гледате големата слика на Европа и на светот во контекст на актуелните случувања поврзани со безбедноста, тероризмот, миграцијата, економијата и политиката во услови на пораст на радикалната десница. Колку светот е посигурен сега од претходно?
– Ако зборуваме за миграцијата, можам да кажам дека решението за ова прашање е исклучително тешко. Морам да напоменам дека миграцијата истовремено колку што е голем проблем, толку истовремено е експлоатирана од политиката во државите за внатрешна употреба. Кога имаме такви околности во кои меѓународно прашање влијае врз домашната политика, тогаш неговото решавање се одвива тешко. Дополнително, знаејќи ги географската и демографската положба мораме да сфатиме дека миграцијата за нас Европејците е неизбежно прашање бидејќи сме многу лесно поврзани со другите делови од светот. Јас мислам дека проблемот со миграцијата долго ќе постои, до оној момент додека постојат превирањата на Блискиот Исток и во Африка. Верувам дека единствениот излез од оваа ситуација може да се најде во соработка на големите сили меѓу себе со особен акцент на САД и Кина. Со големи инвестиции ќе се подобри состојбата во овие делови од светот и само на тој начин миграцијата може да прекине. Натаму, ако миграцијата се организира и се регулира преку некој вид меѓународен договор, тогаш таа нема повеќе да биде проблем што ги раздвојува европските држави. Јас верувам дека на следните европски избори популистичките партии, иако ќе напредуваат, нема да ги освојат изборите, а со тоа ќе имаме време да го решиме овој проблем. Токму затоа кога ги коментирам сите овие наброени случувања морам да кажам дека не сум песимист за иднината на Европа.


Сонувам за обединет и мирољубив европски континент

Добитник сте на „Светската награда за хуманизам“ за 2019 година, со која Охридската академија на хуманизмот го слави името на св. Климент. Што значи оваа награда за вас?
– Јас оваа награда ја гледам не како награда за мене туку како манифестација на една моја желба дека сето она што го сонувам во мојот сон ќе се оствари и ќе стане јаве, а тоа е обединет и мирољубив европски континент. Исклучително сум почестен што Охридската академија на хуманизмот го вброи и моето име како добитник на оваа светска награда со огромен престиж, што досега им била доделена на личности, кои оставиле длабоки траги во светската историја на хуманизмот. Па токму затоа оваа награда е во корелација со тој мој сон за дијалог, а сето тоа е моја лична заслуга и на Македонија еднакво.