Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го изготви првиот извештај од мониторингот на медиумското известување за Локалните избори во периодот пред почетокот на изборната кампања од 7 до 31 август. Во извештајот е анализирана 24-часовната програма на првиот телевизиски програмски канал на јавниот сервис – МРТ1 и на шест комерцијални телевизии на државно ниво кои имаат просечен неделен досег над 10% – ТВ 24 Вести, ТВ Алсат-М, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител и ТВ Телма.

Резултатите од мониторингот покажаа дека во овој период не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик.

Според извештајот, во дневноинформативните емисии, медиумите најчесто ги обработувале актуелните теми низ вести (во низа) и низ извештаи, јасно структурирани и со проверливи извори на информации, но во ТВ-дневникот на одредени телевизии понекогаш се појавуваа и прилози реализирани низ нејасни, хибридни жанровски облици, спој од – информирање и обиди за резиме, за антиципација и за анализа на посложени општествени појави, при што, во некои од таквите случаи немаше ни јасно одвојување на партиските од професионалните редакциски гледишта, велат од агенцијата.

– За тековните активности околу изборниот процес, медиумите главно известуваа во професионално структурирани информативни жанрови, но сепак, не изостанаа и секојдневните прилози што го проследуваат ривалитетот меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Притоа, забележлива е и практиката да се „цитираат“ искази од социјалните мрежи, кои сами по себе често се или нерелевантни или непроверливи, ни во информативна ни во фактографска смисла, посебно со оглед на тоа што се издвоени од нечија адреса со Интернет-прекар/псевдоним. Единствено МРТ 1 и ТВ 24 Вести обезбедија известување на знаковен јазик за лицата со оштетен слух и на тој начин ја исполнија обврската од членот 75 став 1 од Изборниот законик – стои во Извешатјот.

од Агенцијата додаваат дека ТВ Алфа, ТВ Сител и ТВ Канал 5, реализирале повеќетематски интервјуа со лидери/претставници на политички партии, аналитичари на изборниот процес, некои од независните кандидати за градоначалници на Скопје, во однос на амбициите за кандидатурата и за можните партиски афилијации.

– Интервјуата главно беа реализирани во засебни актуелноинформативни целини, со исклучок на ТВ Сител која интервјуата ги смести во рамките на централниот ТВ-дневник, па споредбено, оттаму и значителната, дури повеќечасовна разлика во минутажата посветена на Локалните избори – е потенцирано во првиот извештај од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.