Фото: Архива

Во сезона на епидемии од морбили и од грип, на ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести, нема топла вода за пациентите. Во услови кога хигиената е клучна за да се спречи ширењето на заразите, пациентите што се сместени таму, револтирано реагираат на ваквата состојба.

Велат дека не е нормално на клиника каде што треба да се спречи ширењето на заразните болести, да го нема основниот предуслов што игра клучна улога во тоа.

– Моето дете има морбили, па лежиме на Инфективната клиника. Меѓутоа, немаме топла вода за да одржуваме лична хигиена. Дали е нормално на цела клиника да нема топла вода? На што се штеди, на топла вода ли? Како да внимаваме на личната хигиена со ладна вода среде зима? – револтирано прашува мајка на дете што лежи на клиниката.

Од Министерството за здравство информираат дека станува збор за технички проблем.
– Според информациите од инфективната клиника, се работи за повремен технички проблем со дотокот на вода до клиниката, односно поради слаб притисок на водата доаѓа до често прегорување на грејачите на бојлерите, поради што тие на неколку месеци се заменуваат со нови – информираат од министерството.

Оттаму додаваат дека за трајно да се надмине овој проблем, во тек е изработка на инженерски елаборат, за подобрување на дотокот на топла вода и оптимално искористување на водената пареа од топланата во кругот на клиничкиот центар.

Инаку, според податоците на Институтот за јавно здравје, од деветти месецов, до петнаесетти, пријавени се вкупно 71 случај на заразени со мали сипаници. Од нив, 65 случаи се во метрополата, шест се во Струмица и во Тетово. Од почетокот на епидемијата до петнаесетти месецов, регистрирани се вкупно 259 случаи на мали сипаници, а досега имаше и три жртви.

Од шести до десетти февруари, пак, пријавени се 2.246 случаи со симптоми на грип, што е речиси 80 проценти зголемување во споредба со неделата пред тоа. И грипот како и морбилите, веќе зедоа неколку жртви.