Фото: Игор Бансколиев

Во некои општини во земјава матичните лекари се соочуваат со вистински проблем кога треба да закажат ехо на дојка или на простата. И додека за одредени специјалистички прегледи се чека и со месеци, има случаи и кога пациенти не се појавуваат на закажаните термини

Пандемијата на ковид-19 не е единствениот проблем со кој се соочува нашиот здравствен систем. Така, за некои специјалистички прегледи се чека со месеци, па и по една година. Во одредени општини во земјава матичните лекари се соочуваат со вистински проблем кога треба да закажат ехо на дојка или на простата. Ако на страницата „Мој термин“ се побара термин за специјалист на хемодијализа, ревматологија, нуклеарна медицина, вакцинација за ковид-19, општа медицина – едноставно, термин нема. Така, на пример, во петокот, на 12 март, првиот слободен термин за конзилијарен преглед беше за 44 дена, додека термин кај специјалист за спермогорам дури за 26 дена, слободен термин кај специјалист за гастроскопија дури за 14 дена.Истиот ден немаше слободен термин за апарат за ехо на дојка во Прилеп, Неготино, Штип, Куманово, Велес, Струмица, Кичево и во Ресен. Во Радовиш првиот слободен термин за користење на апаратот за ехо на дојка беше за 33 дена, а во Гостивар за 31 ден, во Кратово за 11 дена, додека само во Охрид имаше слободен термин. Во Куманово, Прилеп, Велес, Тетово и во Струга воопшто немаше термин за да се направи компјутерска томографија.

Зошто толку многу се чека за специјалистичките прегледи, кои се проблемите и зошто нема повеќе термини, побаравме одговор од Министерството за здравство.
– Во сите јавно-здравствени установи што се опремени со соодветна апаратура за оваа намена, од први до десетти во месецот се пуштаат термини во толкав број во колкав што дозволуваат временските и просторните услови, запазувајќи ги протоколите за ковид-19. Термините ги одобруваат директорите на установите врз основа на претходно предвиден организациски план. Системот „Мој термин“ има во увид број на термини што се реализирани и нема опција во која граѓанинот „чека“ за слободен термин, со оглед на тоа што матичниот лекар ја прави резервацијата – велат од Министерството за здравство.

Но матичните лекари тврдат дека се соочуваат со проблем и дека не можат да ги извршат превентивните прегледи на своите пациенти.
– Матичните лекари се преоптоварени, а не се опфатени со ниту една владина мерка. Трипати им се покачува плата на колегите од јавното здравство, сега пак има најава за покачување на платите за пет отсто, повторно ќе бидеме испуштени. Од друга страна, ние не можеме една година ехо на дојка да закажеме кај тие што се наградени, не оставија термини за ехо на дојка, не можеме да им ги направиме превентивните прегледи на нашите пациенти, не можеме нашите пациенти да ги испратиме на ехо на простата. Ако некое здравство е наградено, тоа здравство треба да си стави повеќе термини за да може примарното здравство да ги зачува животите на своите пациенти – вели д-р Лилија Чолакова Дервишова, специјалистка по семејна медицина и претседателка на Здружението на приватни лекари.

Други матични лекари, пак, и покрај напорите да им обезбедат термини за специјалистички прегледи на своите пациент,и велат дека се соочуваат со еден друг проблем, пациентите не се појавуваат на закажаните термини.
– Чекаме термини речиси за сѐ. За ехо на простата кај нас не се чека многу. Има овластени здравствени организации со кои соработуваме, како на пример Железарската амбуланта, потоа здравствени ординации за гастро се валидни, а има и доста интернистички со кои соработуваме. Ехо на дојка некогаш има, некогаш не, но она жолто поле кога ќе видите термин на страницата „Мој термин“ се однесува на пациентки што се оперирани и можат да закажат само нивните хирурзи или онколозите. Термини за мамографија има доста, бидејќи имаше и превентивни програми од Министерството за здравство. Доста се чека на термин за преглед кај уролозите, но ние по поликлиниките некако се снаоѓаме. Но најголем проблем ни е кога на пациентите ќе им закажеме термин, ќе отпечатиме упат и кога ќе ги побараме на телефон не можеме да ги добиеме, затоа што оставиле погрешен телефонски број и пред сѐ проблем е тоа што речиси 60 отсто од закажаните пациенти не се појавуваат на закажаните термини и тие пропаѓаат, а се трудиме максимално. Дури и кај интернист во ординацијата во поликлиникава се случува да не дојдат на закажаниот термин – вели д-р Павлина Мојсова, матична лекарка во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје.

Некои од лекарите велат во оваа ковид-состојба некои се премислуваат да се појават на термините и поради страв од пандемијата или поради некоја друга причина.