Насилството врз жените во политиката се манифестира во повеќе облици,најчесто како мизогинија, сексистички, шовинистички и друг тип на напади и понижување, а тоа претставува директен напад врз демократијата и пристапот/правото до еднакви можности.
Овие локални избори се тест за нашите способности и разбирање на правото на еднакви можности и слободни и фер избори. Жените го имаат истото право како и мажите да бидат активни во политичкиот живот, да придонесуваат со својата експертиза и знаење без страв од насилство во било која форма коешто негативно влијае на личниот, професионалниот и семејниот живот на жените политичарки, како и на нивото на целиот политички дискурс.
Затоа, ние членовите на Работната група за родова еднаквост1, силно ги осудуваме сите форми на говор на омраза и дискриминација со коишто се нарушува правото на жените да учествуваат слободно и правично во изборниот процес како кандидатки. Ние се обврзуваме и дека нашите политички партии неодложно ќе преземат санкции и други дејствија против нашите членови кои користат несоодветен и дискриминаторски јазик или насилство со коешто се нарушува угледот на жените политичарки. Мораме да создадеме безбедно опкружување со цел и мажите и жените бидат политички активни и поддржани во нивните заложби да се кандидираат на демократски и слободни избори.
Се надеваме дека ќе се стави крај на вербалните напади врз жените-кандидатки и дека предизборниот период и изборите ќе продолжат во фер и демократска атмосфера за сите учесници.
Националниот демократски институт и Шведската меѓународна агенција за развојна соработка (Сида) во моментов ја спроведуваат кампањата
„Заокружи НЕ за насилство врз жени во политиката” како дел од проектот WoMen Lead: Унапредување на родовата еднаквост преку политичко учество на жените. Кампањата има за цел да се елиминира насилството врз жените во политиката и да се унапреди родовата еднаквост преку политичко учество, поддршка и поттикнување на жените да учествуваат во најголем можен степен во политиката, како резултат на нивните желби, предиспозиции и амбиции.

Работна група за родова еднаквост: Вјолца Бериша, Алијанса за Албанците; Арбен Таравари, Алијанса за Албанците; Вјолца Муртези, Алтернатива; Адмирим Халити, Алтернатива; Стефан Андоновски, ВМРО-ДПМНЕ; Марија Митева, ВМРО – ДПМНЕ; Мелинда Рашиди, Движење БЕСА; Фатри Салуи, Движење БЕСА; Силвана Кржовска ДОМ; Христа Најданов, ДОМ; Бедри Фазли, ДУИ; Арбана Пашоли, ДУИ; Билјана Аврамоска-Ѓореска, ЛДП; Игор Вељаноски, ЛДП; Снежана Калеска Ванчева, СДСМ; Марко Михаилоски, СДСМ.