Нема тенденција на зголемување на бројот на заболени од морбили, а останува во сила забраната за прием на невакцинирани деца во градинките за да се спречи натамошно ширење на заразата, рече заменик-министерот за здравство Асим Муса на седницата за пратенички прашања.

-Нема тенденција на раст на бројот на заболени од морбили. Бројот на вакцинирани деца и граѓани заклучно со вчерашниот ден е 8.800, значи околу 9.000 би бил до крaјот на денов. Вкупниот број на невакцинирани беа 15.000, 12.000 беа деца од претшколска возраст, а останатите беа возрасни. Со завршување на процесот на вакцинирање, очекуваме и намалување на новозаболените од морбили – рече Муса.

Додаде дека вакцините произведени од „Глаксосмит“ се висококвалитетни и регистрирани во сите земји на ЕУ и во повеќе од 70 земји надвор од Унијата.

-Воопшто не станува збор за сомнеж за квалитетот на вакцините. Треба заедно да се бориме со конфузијата што настана со декларациите во кутиите со грешка во датумот на траењето- додаде Муса.