Фото: Игор Бансколиев

Собранието денеска во рамки на продолжението на 60. седница со само осум гласови „за“ и 60 „против“ не ја усвои одлуката за формирање анкетна комисија за испитување на референдумот од 30 септември 2018 година.

Пратениците претходно Розалита Дојчиновска ја избраа за член на Државниот совет за превенција на детско претстапништво.

Собранието не се изјасни по 24 точка, иако расправата за неа е завршена. Како што кажа претседателот на Собранието, Талат Џафери по Дополнетиот предлог на закон за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, радиодифузна такса, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште во второ читање, се потребни дополнителни консултации.

Пратениците го усвоија Предлог-законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатијата со доминатна сопственост на државата, во скратена постапка, предложен од група пратеници.
Пратеничката Јагода Шахпаска од СДСМ, која е еден од предлагачите во образложението на законското решение напомена дека ова е закон со кој се регулураат правата на стечајните работници.

По доаѓањето на власт на сегашната Влада, во септември 2017 година беше усвоен закон за материјално обезбедсување на невработените лица кои останале без работа во претпријатија со доминатна државна сопственост. Во текот на имплементацијата на ова законско решение 2.723 работници оствариле право на стечај, но било констатирано дека усвоеното законско решение има недостатоци.

-Оттука во февруари се пристапи кон дополнување на законот со цел да се прошири опфатот на работниците стечајци кои ќе можат да го остварат ова право. Збирно со овие две измени заклучно со 21 август 6.498 стечајни работници во период од нецела година оствариле право на материјален надоместопк, рече Шахпаска, но додаде дека се уште има голем број стечајни работници кои не можат да го остарат ова право, поради што Министерството за труд и социјална политика подготвило законско решение за измена, кое ги поминало сите процедури, но не беше изгласано поради референдумот.

Пратениците попладнево во рамки на 60 седница ги усвоија и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за државна статистика, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за вработените во јавниот сектор по скратена постапка. Донесени се и Предлог на закон за дополнување на Законот за аудиовизуелни добра, Предлог на закон за изменување на Законот за Академијата на наставниците.

Во второ читање донесени Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за судска служба, Предлог на закон за изменување на Законот за данокот на додадена вредност, Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурувањето, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за финансиската полиција, Предлог на закон за престанување на важењето на Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на проектот ХЕ Бошков мост, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и АД ЕЛЕМ.

Поради немање кворум спикерот Џафери ја прекина седницата и кажа дека дополнително ќе ја закаже.