Вицепремиерката и  министерка за одбрана Радмила Шекеринска и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, денеска посетија еден од шелтер центрите во кои се засолнети жртви на семејно насилство. Целта на посетата беше да им се даде березервна поддршка и заштита на жените кои преживеале насилство од своите партнери, но и уверување дека државата ги презема сите потребни чекори за борба против насилството врз жените.

Министерката Шекеринска во шелтер центарот разговараше со припадничка на АРМ, жртва на семејно насилство, која е сместена таму со своите деца, и го пренесе апелот да прекине молкот за овие случаи.

-Денеска сакам јас да ја испратам пораката до сите граѓани на нашата земја, но и на сите вработени во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија: семејното насилство не им се случува само на други. Тоа е околу нас, ги допира луѓето со кои што соработуваме, со кои што живееме, со кои што се дружиме и не смееме да останеме неми. За жал многу често вклучително и во ситуацијата која што денеска ја дискутираме, се случува жртвите на семејното насилство да бидат оставени сами на себе и да гледаат како нивните соработници, нивните колеги, нивните комшии, ги одминуваат и не се обидуваат дури ни да им помогнат. Тоа мора да го промениме. Семејното насилство се храни не само од силата на насилникот, не само од стравот на жртвите, туку и од нашиот молк. Ако продолжиме да молчиме тоа ќе стане само посилно- рече министерката Шекеринска.

Министерката Царовска ги повика жртвите да го пријавуваат насилството и да бараат заштита од државата. Царовска рече дека за да може успешно да се спроведе ратификуваната Истанбулска конвенција потребна е и постојана соработка меѓу институциите.

-Секој човек, секоја жена треба да се чуствува безбедно во својот дом и средината во која живее. Ова е основно право и сигурност која ние како држава мора да ја гарантираме. За да ја реализираме оваа цел, мора да работиме сите заедно и да воспоставиме ефикасни механизми, но и тесна соработка со невладиниот сектор и сите засегнати страни. Паралелно, Истанбулската конвенција ни дава рамка за развивање и подобрување на националното законодавство за борба против насилството врз жените, но исто така и превенција, подигнување на јавната свест како и воспоставување на институционални механизми за заштита на жртвите на родово базираното насилство и нивна повторна интеграција во општеството- изјави Царовска.