Земјите-членки на ЕУ успеаја да постигнат компромис за заклучоците за проширување, но амбицијата да се одржат првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана не се дел од нив.
Иако словенечкото претседателство јавно настапи со надеж дека преговорите со Македонија и Албанија ќе започнат до крајот на оваа година и тоа беше експлицитно наведено во нацрт-заклучоците, по денешните преговори меѓу министрите за европски прашања временската одредница не беше задржана.
Според преставникот на словенечкото претседателство, Гашпер Довжан, останува европската перспектива за земјите од Западен Балкан, но конкретно кога се однесува за Македонија и Албанија, од заклучоците исчезна временската рамка која налагаше да се најде решение за блокадата на преговорите до крајот на годинава.
Словенечкиот државен секретар Гашпер Довжан одговори дека не е невообичаено да има измени во предложениот текст на заклучоците од претседателството, дека преговарачката рамка се уште не е усвоена, но се оптимисти дека ќе може да се продолжи на воспоставениот правец што е можно побргу.
Земјава е блокирана на својот евроинтегративен пат од страна на Бугарија, која отстранувањето на ветото го условува со исполнување на барањата на Софија поврзани со јазикот, идентитетот и историјата на македонскиот народ.