Граѓанските организации и иницијативи за заштита на животната средина се незадоволни од тоа како поминала расправата за загадувањето на Советот за безбедност во понеделникот. Тие велат дека не биле донесени заклучоци и очекуваат од претседателот, Стево Пендаровски, да свика нова седница на Советот на која сериозно ќе се пристапи кон ова прашање и на која ќе присуствуваат експерти, а не политички претставници.

– Главната идеја на претседателот Пендаровски при ставање на темата на загадување на животната средина на Советот за безбедност била кревање на јавната свест, при тоа потенцирајќи ја советодавната улога на ова тело. На вториот дел од седницата посветен на единствена тема: справување со загадувањето, на наше изненадување, не беа донесени заклучоци кои ќе ги забрзаат позитивните трендови и дадат насоки на делување на оние тела во државата кои носат одлуки. Нашата главна идеја е поставување на загадувањето, деградацијата и уништувањето на животната средина, заедно со ефектот на климатските промени како закана и ризик по националната безбедност – велат активистите.

Очекуваме, додаваат тие, во најбрз рок претседателот Пендаровски да свика седница на Советот за безбедност каде прашањево ќе се третира како закана и ризик по националната безбедност.

– Очекуваме да бидат повикани експерти кои најдобро го познаваат проблемот, а не политички претставници. Очекуваме експерти да ја презентираат сегашната алармантна состојба и системските слабости, на седницата да бидат изнесени информации за илегални активности во оваа област кои ги поседуваат службите, вклучително и информации кои ги поседува италијанскиот национален обвинител за борба против мафијата и тероризмот, Федерико Кафиеро Де Рахо. Да се предложи надминување на овој национален безбедносен проблем со ангажирање на сите потребни ресурси, и да се донесат заклучоци кои ќе дадат насоки на делување на државните органи кои носат одлуки и ќе ги забрзаат позитивните трендови за решавањето на проблемот со загадувањето и заштитата на животната средина. На овој начин очекуваме да се намалат жртвите од загадувањето во најкраток можен рок – се наведува во соопштението.

Активистите наведуваат дека Пендаровски предизборно се обврзал преку потпишаната Зелена заклетва дека во доктринарните документи ова прашање ќе биде адресирано како прашање од највисок национален интерес и ќе биде третирано како една од примарните закани по националната безбедност.

Зад соопштението стојат О2 Иницијатива, Граѓанско движење „Битола сака чист воздух“, Еко Герила, Скопје Смог Аларм, Не биди ѓубре, Фридаyс Фор Футуре Скопје, АирЦаре – МојВоздух, Група граѓани Визбегово, Здравје пред профит во Центар, Движење за чист воздух, Ние сме Карпош 4, Го Сакам Водно и ЕкоКарпош 3,2,1.