Анализа за работата на дипломатско-конзуларните претставништва на земјава во странство покажала дека некои од нив не го оправдале постоењето и поради тоа ќе бидат затворени, најави претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање на годишниот амбасадорски совет, кој годинава е посветен на европската перспектива на Македонија.

Претседателот Пендаровски на средбата со амбасадорскиот совет рече дека имал повеќе средби со министерот за надворешни работи Никола Димитров, на кои било разговарано за пополнување на 15-16 од испразнетите 27 амбасадорски позиции.
– Во МНР е направена анализа за работата на дипломатско-конзуларните претставништва. Некои што не го оправдаа постоењето ќе бидат затворени, а некои значајни ќе бидат зајакнати. Станува збор за рационализација, а не за партиски реваншизам. Битна е професионалната компонента, а не партиската – рече претседателот Пендаровски, посочувајќи пред присутните дека тој и неговиот кабинет им стојат на располагање и целосно ќе се вложат за доброто на државата.
Претседателот најави дека во наредните четири месеци и тој ќе има позасилена дипломатска активност, така што до крајот на годината планира да ги посети Виена, Токио, Париз, Рим и Варшава, а во почетокот на октомври во Скопје го очекува претседателот на Црна Гора.

По октомври, кога претседателот очекува датум за почнување на преговорите со Европската Унија, како што рече, почнува и долг процес на работа.
– Дистрибуцијата на местата во Европскиот парламент е одлична за нас. Од 751 член, 506 се во групата проевропски сили. Таа поволна констелација мора да ја искористиме, бидејќи тоа се луѓе што се наклонети на проширувањето на ЕУ и знаат колку е значајно за стабилноста на Западен Балкан – објасни претседателот. П.Р.