Адвокатите на Борче Ристевски (54) фрлија сомнеж на доказите за кои полицијата тврди дека покажуваат оти Македонецот го сокрил телото на неговата мртва сопруга Карен во северен Мелбурн, пишува австралиски „Њуз“. Тој се соочува со обвинението за убиство на сопругата која последен пат била видена на 29 јуни 2016 година, на оддалеченост од околу 50 километри од националниот парк кај Маунт Маседон, каде што нејзините останки беа пронајдени осум месеци подоцна, во февруари 2017 година.

Во тек е втората седмица од судското сослушување на кое треба да биде утврдено дали постојат доволно докази за случајот на Ристевски да продолжи со судење.

Обвинителството тврди дека двата телефони на Ристевски испратиле сигнал до базните станици на автопатот „Колдвел“, дента кога неговата сопруга исчезнала, на подрачјето помеѓу нивниот дом во западен Мелбурн и областа на северен Мелбурн каде што телото било пронајдено подоцна. 

Но, адвокатот Дејвид Халоус смета дека постојат недоследности во изјавата на техничарот во телефонската компанија „Оптус“, Олег Припотен, дадени на полицијата. Згора, телефоните останале без мрежа во повеќе наврати тој ден, односно не можеле да бидат следени во период од 54 минути.

Полицијата тврди дека Ристевски ја убил својата сопруга по расправија во нивниот дом, за потоа да го пренесе телото во автомобилот на жртвата до планинското подрачје, каде што го фрлил.

Минатата недела пред судот сведочеа бројни експерти, детективи, како и ќерката на Ристевски, Сара (22), која истакна оти нејзините родители имале расправии, но дека нејзиниот татко се обидувал да ја смири ситуацијата. Таа порача и дека Борче бил вознемирен во деновите по исчезнувањето на Карен, како и дека нејзината мајка честопати го напуштала домот по караниците.

Карен (лево) со Борче и со нивната ќерка Сара

Судот слушна и како Борче Ристевски имал вечера со неговите родители, дента кога неговата сопруга исчезнала. Тој не им кажал на родителите дека Карен не се вратила од прошетка, а не ја прашал ниту ќерка си дали ја видела нејзината мајка. Полицијата забележала наводни недоследности во неговите изјави по исчезнувањето на сопругата, за која тој тврдеше дека излегла на прошетка по расправијата. Обвинителството посочи дека бутикот за облека на семејството Ристевски имал финансиски проблеми, што би можело да биде поврзано со случајот.

Сведоци на обвинителството кажаа дека возило слично на автомобилот на Ристевски било забележано во правецот на Маунт Маседон, на снимките на безбедносните камери, дента на исчезнувањето на Карен.