Претставници на Здружението „Мултикултура“ од Тетово во следните 30 месеци како регионална канцеларија на коалицијата „Сите за правично судење“ ќе ги набљудуваат судските постапки пред основните судови во Тетово и Гостивар односно регионот под надлежност на Апелацискиот суд во Гостивар.

Ова е резултатот од меморнадумот за соработка кој денеска беше потпишан помеѓу коалицијата „Сите за правично судење“ и здружението „Мултикултура“ од Тетово. 

Според Натали Петровска, претставничка на коалицијата „Сите за правично судење“,  нивните набљудувачи ќе може да ги следат граѓанските постапки пред судовите во Тетово и Гостивар што се однесуваат на дискриминација, клевета и навреда, облигациски, имотни, семејни и работни односи и за кои претходно граѓаните ќе побараат судски мониторинг на постапките. Проектот опфаќа следење на работата на сите четири апелациски подрачја во Македонија.

– Овие активности се дел од проектот „Правен, финансиски и физички пристап до правда во основните судови во Република Македонија“ што ќе опфаќа анализа за правилното спроведување на стандардите за фер и правично судење, финансиските последици за водење на граѓанска судска постапка, пристапот до правда на маргинализираните категории на лица, но и истражување со коешто ќе се изврши проценка на физичкиот пристап до правда како пристапност до пристапни рампи/лифтови, толкувачи од знаковен јазик и Брајово писмо за судски документи, рече Петровска.

Таа посочи дека веќе четири години тие имаат програма за следење на постапките од кривичната сфера, така што овој проект сега овозможува нивните набљудувачи да ги следат постапките и од граѓанската област. Нејзините очекувања се дека како и досега нивните претставници нема да имаат никакви проблеми за следење на судските постапки бидејќи, како што рече Петровска, правото на јавност на постапките пред судовите во Македонија е уставно и законски загарантирано.

Извршниот директор на „Мултикултура“ Вулнет Зенки ги повика сите жители од тетовско-гостиварскиот регион да се вклучат во реформите на правосудниот систем на тој начин што ќе побараат следење на нивната постапка пред судовите во двата полошки града.

Коалицијата на здруженија на граѓани „Сите за правично судење” е невладина организација која е составена од 14 организации членки. Целта и е да го следи почитувањето на човековите права и слободи, особено на меѓународните стандарди за правично судење преку разни форми на дејствување во настојувањето да се зголеми нивото на спроведување и поттикнување институционални и правни реформи, како и да се врати довербата на граѓаните во судството и другите институции на системот.

„Мултикултура“ од Тетово е невладина организација која промовира младински активизам и учество во донесувањето одлуки и развој на културна и меѓуетничка толеранција и соработка. Таа е основана во август 2000 година. Здружението има повеќе од 100 активни членови.