Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерството за образование и наука информира дека во тек е пријавувањето на новите конкурси за доделување средношколски стипендии за учебната 2021-2022 година, како и поднесувањето документи за обнова на правото на стипендија за тековните корисници, кои тоа го оствариле во некоја од изминатите учебни години, а исполнуваат услови за продолжување.

Конкурсите за доделување ученички стипендии се објавени на следниот линк. Во секој од нив се наведени условите, критериумите, потребните документи и роковите за аплицирање со цел остварување на правото на користење на соодветната стипендија.

Постапката за аплицирање за стипендија е дигитализирана преку интернет-страницата „е-услуги.мон.гов.мк“, со што значително се поедноставува начинот на остварување на правото. Учениците што немаат можност да аплицираат електронски пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација по соодветниот конкурс во Министерството за образование и наука (директно или по пошта – препорачана пратка со повратница на адреса, булевар Св. Кирил и Методиј бр. 54, 1000 Скопје, со точна назнака). Пријавувањето трае до 15 септември 2021 година.

Поднесувањето, пак, на документите за продолжување на правото на стипендија стекнато во некоја од изминатите години трае до 30 септември. Секој корисник на стипендија, електронски на посочениот портал или хартиено до МОН треба да достави потврда за редовен ученик за учебната 2021/2022 година и копија од последното свидетелство.

МОН обезбедува поддршка за пријавените преку Секторот за ученички и студентски стандард. Личните контакти на сите вработени, вклучително и на вработените во овој сектор, се наведени на следниот линк.