Втората трансплантација на коскена срцевина односно матични хематопоетски клетки од несроден донор ќе биде извршена идната недела на Универзитетската клиника за хематологија. Потпишан е договор со донорскиот центар и овој пат донорот е од Германија. Се работи за пациент, кој е дете и првпат во Македонија ќе биде изведена несродна трансплантација кај дете, истакна денеска директорката на Клиниката, Ирина Пановска Ставридис.

Посочи дека донорот е 19-годишно момче од Германија, кое, како што рече, има чувство за солидарност, ќе седне на машина и ќе даде клетки, за да спаси нечиј живот.

Минатата година на Клиниката, потенцира таа, се извршени 57 трансплантации, што претставува рекорд, бидејќи досега годишно се извршуваа 40 трансплантации.

– Следната година планираме да продолжиме со посилен интензитет. Воспоставивме систем кој покажавме дека функционира и верувам дека ќе продолжиме успешно и идната година. Здравствените власти и минатата година и оваа имаа слух и беше одреден условен буџет за лековите кои се неопходни за пациентите, а се уште не се на позитивната листа, која не може да се смени заради закочената законска регулатива, меѓутоа најден е начин со условен буџет сите тие лекови да бидат обезбедени и достапни за пациентите во Македонија- рече Пановска Ставридис.

Нагласи дека во минатото имало пракса само за лекување со одредени лекови кои ги немало пациентите да бидат упатувани во странство.

– За среќа сега лековите се достапни за нас и пациентите се лекуваат тука- додаде Пановска Ставридис.