Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски и секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски остварија работен појадок со министерот за надворешни и европски работи на Словачка и актуелен претседавач со ОБСЕ, Мирослав Лајчак. На средбата се разговараше за интеграциските процеси на земјава, внатрешната политичка состојба и приоритетите државава.

Мицкоски истакна дека недобивањето на датум за преговори е неуспех на владата да направи клучни реформи, подобрувања на состојбите и да го унапреди стандардот на граѓаните. Тој посочи дека сепак граѓаните не треба да бидат казнети поради неспособната влада на Заев и дека земјава треба да добие датум за преговори до крајот на годината како би се воспоставил уште еден контролен механизам врз криминализираната власт и би се дала надеж наспроти евроскептицизмот кој се подгрева од одредени структури на власта.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го реафирмира ставот на партијата да помогне во реформските процеси кои треба да ги реализира Владата потребни за добивање на датум за преговори. Воедно Мицкоски се осврна и на другите аспекти од општеството посочувајќи дека владата не покажува интерес за сузбивање на растечката корупција и остварува катастрофално лоши економски резултати што го прават животот на граѓаните уште потежок, соопшти партијата.