Фото: Дарко Андоновски

Потребна е само политичка волја, пред сѐ на големите политички партии. Дури и од технички аспект, моделот на една изборна единица не претставува проблем веднаш да се реализира. Посериозен проблем, повеќе новина, би биле отворените изборни листи, зашто тој принцип првпат би се применил на избори во Македонија, но ДИК исто така и за тоа има доволно време за подготовка, односно примена на искуствата на повеќе од 80 земји во светот каде што се спроведуваат избори со отворени листи, тврдат аналитичарите

Идејата за промена на изборниот модел во Македонија, во насока на една изборна единица и обид за отворени изборни листи е пласирана на политичката сцена набргу по претходните парламентарни избори, на крајот од 2016 година, но станува сѐ поактуелна како што се интензивираат политичките процеси, но и во пресрет на новите парламентарни избори, кога и да се одржат тие. Иако Собранието официјално е на своевиден колективен одмор, што значи во овој период не можат да се разгледуваат и носат закони, сепак останаа во оптек предлог-темите за лидерска средба од пред одморите, меѓу кои и разговорите за промена на Изборниот законик.

Имено, опозицијата ја условуваше лидерската со средба разговори и за организирање предвремени избори, и досега е дојдено до позицијата за понатамошно преговарање – дека вонредниот парламентарен изборен циклус би можел да се спроведе во јуни или октомври наредната 2020 година или, пак, да остане редовниот термин во декември 2020-та. Тоа веќе наметнува ново темпо во меѓупартиските усогласувања за нов Изборен законик, односно за реализација на сѐ погласната идеја за нов изборен модел, но и го поставува прашањето дали има доволно време да се спроведат сите политички, организациски и технички подготовки за наредните избори во Македонија да бидат според новиот изборен модел.

– Секако дека има време да се направат сите подготовки за промена на изборниот модел, со оглед на реалната процена дека евентуалните предвремени избори би можеле да се случат најрано во јуни, наредната година. Навистина, ДИК се научи да работи само пред избори, но ако активно работи од овој миг до јуни, можат да се спроведат сите обуки и технички подготовки за избори според нов изборен модел. Потребна е само политичка волја, пред сѐ на големите политички партии. Дури и од технички аспект, моделот на една изборна единица не претставува проблем веднаш да се реализира.

Нема административни пречки за тој модел, а разликата од сегашниот со шест изборни единици е што освоените пратенички места нема да се пресметуваат според Донтовиот модел. Посериозен проблем, повеќе новина, би биле отворените изборни листи, зашто тој принцип првпат би се применил на избори во Македонија, но ДИК исто така и за тоа има доволно време за подготовка, односно примена на искуствата на повеќе од 80 земји во светот каде што се спроведуваат избори со отворени листи. Чекор напред во демократизацијата на изборите би била една изборна единица, а отворените листи би биле грандиозен скок – вели Солза Грчева, лидерка на партијата Глас за Македонија, која сепак вели дека на лидерите на големите партии не им се допаѓаат многу овие изборни модели.

Во досегашните изјаснувања во јавноста на оваа тема, париите СДСМ и Алтернатива за Албанците, како и движењето Беса имаат изразено подготвеност да ја поддржат идејата за една изборна единица со отворени листи, додека опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не се изјаснила со свое мислење за јавноста. И од ДУИ не даваат конкретен став за изборниот модел, но велат дека партиите мора заеднички да најдат решение. Според политичкиот аналитичар Насер Зибери, на Македонија, како земја-аспирантка за ЕУ, потребен ѝ е пропорционален изборен модел и отворени листи, но не со шест изборни единици. Тој смета дека партиите мора да се договорат да го преполоват бројот на изборните единици, или да има една изборна единица.

– Ова ќе создаде доверба меѓу гласачот и кандидатот и второ ќе ги демократизира самите партии, кои со затворени листи даваат диктат и дисциплина на партиските структури, затоа што оној што е наведен на чело на листата со кандидати, тој исто така се смета за избран. Значи, партијата диктира кој ќе биде пратеник, додека преференцијата му овозможува на граѓанинот да одреди кој ќе биде неговиот претставник, а тоа е една од најдобрите демократски вредности што може да има еден изборен систем во една земја – вели Зибери.

Иако од независноста и воведувањето на плурализмот во Македонија од 1991 година, неколкупати се променети изборните модели, Изборен законик е донесен дури во 2006 година, а и тој досега претрпе 20 измени и дополнувања, четири измени на промените и три пресуди на Уставниот суд.

Анализирајќи го актуелниот изборен модел и перспективите на предложените една изборна единица и отворени листи, новинарот Зоран Иванов, констатира дека „со актуелните изборно-моделски комбинации со шест изборни единици и со затворени листи на доминантниот пропорционален изборен модел, помалите партии не можат да ги остварат своите амбиции и самостојно да бидат застапени во парламентот па и во власта. Вака поставениот изборен модел и досега привилегирано и монополистички го користеа големите партии и при сите изборни циклуси. Во своите коалициски јата тие практично ги прибраа, а со тоа и политички ги неутрализира речиси сите помали партии задушувајќи ги нивните идеи“.

Со (полу)отворените листи, покрај заокружувањето на партиската или на листата независни кандидати, на гласачите им се овозможува по свој избор, на самото избирачко место да заокружуваат и поединечно, кандидати од самите листи за кои генерално како политичка опција се определиле. На тој начин ќе се создаде можност граѓаните најдиректно да влијаат при кадровското рангирање на листите, а со тоа и подиректно врз пратеничкиот состав.


Сентлагеов систем наместо Донтов метод

Упатените во изборната проблематика предлагаат и промена на методот за пресметка на пратеничките места и освоените гласови.
– Поради неможноста да се постигне политичка согласност за една изборна единица без изборен праг, шансата на малите партии, нешто како меѓупериод, евентуално може да се бара и во промената на методот на пресметка на пратеничките места според освоените гласови. При пресметката на изборните резултати да се претпочита Сентлагеовиот систем. Тој, за разлика од сегашниот Донтов метод, ги фаворизира малите партии па и ги мотивира и граѓаните помасовно да учествуваат во изборниот процес. Но, секако, основните забелешки на сегашната изборна легислатива се во поделбата на Македонија во шест изборни единици, па барањата се за една изборна единица без или со многу низок изборен праг. Доколку не се случи ова, малите политички играчи и натаму ќе немаат никакви шанси за позначајна политичка доминација – пишува Зоран Иванов.