Правниот факултет „Јустинијан Први“ потпиша договор за соработка со претставништвото на УНХЦР во Скопје со што е означен почетокот на спроведувањето на заедничкиот проект: „Правна клиника за право на бегалци“, во чии рамки ќе се активира предметна програма „Бегалци, мигранти, лица без државјанство и криза на човековите права“.

Програмата ќе биде достапна во вториот циклус студии по Меѓународно право и односи и право на Европска Унија, како дел од глобалната листа на изборни предмети на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Деканот на Правниот факултет, Горан Коевски, истакна дека понудувањето предметна програма каква што ќе биде онаа активирана во рамките на Клиниката за право на бегалци – Бегалци, мигранти, лица без државјанство и криза на човековите права, има неколкуслојно значење.

– Интердисциплинарниот пристап кон темите што ќе бидат обработувани и со тоа содржинска и методолошка збогатеност на целокупната студиска програма на Правниот факултет, унапредување на знаењето на студентите и нивното разбирање на тековните и важни теми како човековите права од една страна, и од друга состојбите на страдање на големи групи како она на бегалците, мигрантите, лицата без државјанство, фокус кон програмите на Правниот факултет, кои може да бидат интересни и отворени кон љубопитноста на студентите од соседните хуманистички науки – рече Коевски.

Претставникот на УНХЦР во Скопје Дејан Кладарин истакна дека од особена важност е воспоставувањето соработка со правниот факултет „Јустинијан Први“.
– Затоа би сакал да изразам голема благодарност до Правниот факултет за отвореноста да дадат им важност на прашањата што се актуелни во светот, во регионот и во земјава, како и за подготвеноста да воведат програма, која ќе ги третира прашањата за заштита на бегалците и на таа тема ќе работи со идните правници за нивно насочување кон правичност и, пред сè, човечност – нагласи тој.

Се очекува предметната програма „Бегалци, мигранти, лица без државјанство и криза на човековите права“ да биде на листата изборни предмети на почетокот на ноември годинава.