Од петти јуни до деветти јули, Република Македонија ќе биде домаќин на досега најголемата вежба која се организира во нашата држава, „Одлучен удар“. На вежбата ќе учествуваат над 2.700 припадници од Армијата на Република Македонија и од вооружените сили на САД, Црна Гора, Албанија, Бугарија и Литванија, соопшти Министерството за одбрана.

Армијата на Република Македонија учествува со околу 1.300 припадници, исто толку се од САД, војската на Црна Гора испраќа 75 припадници, по 25 припадници од Албанија и од Бугарија, како и 10 од Литванија.

Во изјавата по денешниот брифинг за вежбата, на полигонот „Криволак“, министерката за одбрана Радмила Шекеринска истакна дека организацијата на оваа, досега најголема вежба на територијата на нашата држава, ги покажува нашите капацитети, но е и доказ за довербата која НАТО – партнерите ја имаат во Македонија.

– Фактот дека во наша, национална вежба, која самите ја организираме и водиме, и на која ќе учествуваат шест земји од кои сите други се веќе членки на Алијансата со над 2.700 припадници на овие шест армии, покажува дека можеме, покажува дека знаеме и дека сме создале доверба – рече министерката Шекеринска.

Одбранбеното аташе на САД во нашата држава, полковникот Тимоти Бјукен посочи дека САД и Македонија се стратешки партнери, дека одбранбената соработка е силна и ќе станува уште посилна. Полковникот Бјукен истакна дека САД силно ја поддржува Македонија и нејзиното членство во НАТО, дека процесот на ратификација на пристапниот протокол е започнат во американскиот Сенат и дека се очекува истиот да заврши до оваа есен.