Најавата за дуелот на ракометните репрезентации што е повеќе од објава

Македонската ракометна репрезентација вчера во Ескишехир, против домашната Турција го одигра претпоследниот натпревар од квалификациите за Европското првенство 2020 година. На ред е уште еден натпревар, со Грција. Интересна коинциденција, нели? Нашата земја, поточно нашата репрезентација во ракомет, се најде во сендвич-дуел помеѓу најлутите регионални ривали, Турција и Грција. Згора на сѐ, со нив се бориме и мора да победиме доколку сакаме да влеземе во Европа. Или попрецизно, на европското првенство. И Турција сака во ЕУ, и ние сакаме, ама Грција (не) дава. Животот пишува романи, нели?

Ако го тргнеме настрана натпреварувачкиот момент, вниманието во Ескишехир ни го привлекоа билбордите со кои беше преплавен градотм а кои ги повикуваа навивачите да дојдат и да го проследат обидот на двете земји за влез во Европа. Онаа ракометната.
Но дали билбордите беа само најобична покана за присуство на еден важен ракометен натпревар? Ако се прочита текстот повнимателно, неизбежно се наметнува сознанието дека плакатите беа многу повеќе од тоа. Пораки, силни пораки.

И ние и Турција сакаме во Европа. Не само во ракометната, туку и во онаа другата, што се нарекува Европска Унија, Обединета Европа, кон која, нели, се стремат сите.
Но и овојпат, не само преку билбордите, туку и во преостанатиот рекламен материјал со кој се најавуваше натпреварот, Турците пуштаат силна порака дека се против наметнатите од таа иста Европа правила на игра, против политиката на двоен колосек, против кршење на меѓународното право и против креирање на политики кои се исклучиво во корист на големите сили и водечки западни држави. Очигледно дека за Турција, Македонија е само Македонија и ништо повеќе, и тоа јасно го кажуваат и во овој случај.

Нашите соговорници потсетуваат дека и за време на наметнувањето од страна на меѓународната заедница на несреќната референца со која ја именуваа нашата земја, Турција јасно истакнуваше во секоја ситуација дека нѐ признава единствено под нашето уставно име – Република Македонија. Така, изнесениот став на сите соговорници во Ескишехир, а беа навистина многумина, можеме да го протолкуваме само како потврда дека остануваат цврсто на својата определба дека Турција во својата недвосмислено изразена политичка волја што се однесува до односите со нашата земја и тоа преку склучениот Договор за стратегиско партнерство! Имено, и во пресрет на спортскиот ривалитет, соговорниците со голема доза на воодушевување зборуваа дека „нашите севкупни меѓусебни односи се на високо ниво, дека ние сме две пријателски, дури и братски земји, кои не се обременети со ниедно политичко прашање, имаме потпишано стратегиско партнерство и еден куп билатерални договори, што гарантира остварување на успешна соработка и средби на сите нивоа“.

Независно од важноста на ракометниот натпревар, тие и овојпат покажуваат колку се важни нивниот став и „абер“ кон Европа, во која сакаме да влеземе. Не само во ракометната.