Клиниката за онкологија и радиотерапија е обезбедена со иновативните биолошки лекови за онколошките заболувања. Триесет молекули биолошка, таргетирана и имунотерапија терапија се обезбедени преку централизирана набавка за следните 2 години, изјави Нино Васев, директор на Клиниката за онкологија и радиотерапија.

Првпат пациентите со онколошки заболувања, од повеќе видови рак, за белодробен карцином, таргетирана и имунотерапија), лекови за повеќе типови рак на дојка (HER2+, хормон позитивен и хормон негативен), метастатски меланом, (BRAF позитивен и за BRAF негативен), колоректален карцином, гинеколошки малигнитети, карцином на бубрег и други, ќе се лекуваат со биолошката и таргетирана терапија.

– Онкологијата драстично се измени последните години и оваа терапија е одговор на тие промени. Иновативната биолошка, моноклонална и таргет терапија е наменета за сите пациенти кои имаат потреба од лекување со ваков тип терапија. Станува збор за 30 нови биолошки лекови кои се исклучително скапи, а успеавме да ги обезбедиме за најголемиот број пациенти кои се со хемато-онколошки малигнитети. Досега оваа терапија беше достапна само за органичен број пациенти или, пак, набавувана со прекини, сега е веќе достапна за сите пациенти на кои им е неопходна. Овие лекови делуваат така што поттикнуваат малигното заболување да се трансформира во хронично со кое пациентите ќе може да живеат како со секое друго хронично заболување. На тој начин терапијата го продолжува, но уште и го подобрува и квалитетот на животот – истакна спец. д-р Васев.

Оваа биолошка или таканаречена иновативна терапија е дел од стандардните протоколи во европските земји, а се користи во раните фази на болеста, но и кога станува збор за понапредна фаза. Сега постојат многу прецизни дијагностички анализи, како геномското профилирање на туморите, со кои прецизно се одредува дали одреден пациентот ќе има полза од одредена таргетирана и биолошка терапија, за да може полесно да се насочи и модифицира третманот.

Воведувањето на биолошката терапија значи и заштеда на средствата од лекувањето на пациентите во странство. Во 2018 година, кога сè уште не беше воведена оваа терапија, само 1,45% од заболените почнале третман со биолошки лекови.

На Клиниката за онкологија и радиотерапија изминатава година се регистрирани 5.400 новозаболени. Кај најголем број од новодијагностицираните бил откриен рак на дојка, хематолошки и рак на бели дробови. Заболувањето најчесто е откриено во втора фаза.

Минатата година во Македонија се регистрирани 9.642 новозаболени лица со малигна неоплазма, од кои 72 деца.