На државната Клиника за кардиохирургија синоќа беше изведена првата кадаверична трансплантација на срце, односно трансплантација од починат донор.

Од Министерството за здравство информираат дека оперативниот зафат траел шест часа, а во 2 часот срцето било успешно трансплантирано во телото на 54 годишен пациент.

– Трансплантацијата е успешна. Ова е голем ден за нас. Посебен по многу нешта. Би сакале најпрво да се заблагодариме на семејството на донорот. Да се донесе одлука да се даруваат органи во моментот кога го губите саканиот, е тешко. Незамисливо тешко. Потребно е многу сила, многу љубов и многу хуманост да мислите на нечиј туѓ живот во моменти кога знаете дека сте го изгубиле најблискиот. И за ова сме им бескрајно благодарни. Тие се се хероите на оваа приказна. Би сакал да им се заблагодарам на лекарите од јавното и приватно здравство, медицинските сестри, координаторите и сите оние кои тимски ја направија трансплантацијата. Ова е огромен успех за македонското здравство – порача министерот за здравство Венко Филипче.

Првата трансплантација на срце во координација со министерот за здравство, ја започна и ја водеше Националниот координатор за трансплантација, Маја Мојсова Мијовска.

Таа со својот тим болнички координтори – Билјана Андоновска, Весна Дурнев и Адријана Георгиев од Министерството за здравство ја процесирале пациентката во мозочна смрт и ги направиле сите лекарски, технички и административни подготовки за да се започне со трансплантацијата на срце и бубрези.

Двата бубрега од починатиот донор во моментов се трансплантираат на Клиниката за урологија кај двајца пациенти со хронична бубрежна слабост кои со години биле на дијализа.

Од ресорното министерство појаснуваат дека пациентите кои ги добија органите биле избрани од Националните листи за чекање за срце и бубрези според медицински утврдени криетриуми за совпаѓање.

На експлантацијата на срцето работеле докторите Марјан Шокаровски и Александар Колевски од Клиниката за државна кардиохирургија и доктор Александар Николиќ од „Аџибадем Систина“.

Трансплантацијата на срцето ја работеле докторите Сашко Јовев и Жан Митрев заедно со доктор Васил Папестиев, доктор Марјан Шокаровски, доктор Ванѓел Здравески, доктор Кјутим Џелили, докторка Тања Анѓушева, доктор Никола Христов, докторка Стефанија Хаџиевска, докторка  Надица Мехмедовиќ, докторка Весна Миташова, докторка Јасмина Илиевска, докторка Марија Гераковска и доктор Димче Славевски од „Аџибадем Систина“.

Во моментов на Клиниката за урологија на трансплантациите на бубрезите работат лекарски тимови под раководтсво на доктор Сашо Дохчев, доктор Александар Трифуновски, доктор Ставридис и доктор Јанчулев со тим лекари од клиниката.