Петре Пирузе - Мајски во Велмеј

На 26 и 27 ноември 1941 година во Охрид се одржал судски процес против нелегалните дејци и борци на македонското народноослободително движење, а меѓу судените биле Лазар Колишевски и Петре Пирузе – Мајски, водачи на македонскиот отпор против окупацијата на Македонија од страна на Германија, Италија и Бугарија. Биле осудени на смрт со бесење.

Во септември 1941 година, Лазар Колишевски влегува во новиот Покраински комитет, а набргу потоа е примен и за член на Покраинскиот воен штаб по што се засилуваат подготовките за востание против бугарската власт. Меѓутоа бугарската полиција успева да ја открие нелегалната активност, а Колишевски и 15 други членови на охридската организација се уапсени, како што велат учесниците на научниот собир одржан на 19 јуни 1993 година во Охрид, а нивните дискусии се објавени како една целина во „Петре Пирузе – Маjски. Време, живот, дело (1907-1980), Скопје“.

Обвинителниот акт против Петре Пирузе Мајски, Лазар Колишевски и остнатите нелеглани дејци

Меѓу уапсените не бил Петре Пирузе, кој активно учествувал во подготовките, бидејќи успешно се засолнил во западниот дел на Македонија кој бил под окупација на Италија. Пирузе бил суден во отсуство.

Во пресудата на бугарскиот воен суд, документ кој се чува во Воениот архив во Велико Трново (судската пресуда е под архивскиот број ЦВА, ф. 16, оп. ІІ, а. е. 103, л. 61-63.), може да се прочита дека Пирузе – Мајски и Колишевски, по воспоставувањето на бугарската власт, агитирале меѓу младината дека треба да се формира комунистичка организација во Охрид, како што имало и во другите градови во Македонија.

Според судот, Мајски и Колишевски успешно создале нелегална организација и станале нејзини водачи. Притоа задачи и цели на организацијата биле преку усната пропаганда, нелегалните изданија и разнесувањето на повици да се агитира кај населението дека постојниот систем на владеење и економско организирање е штетно за народот.

Споменик во Охрид на локацијата каде што се одржало судењето

Воениот суд утврдил дека нелегалната организација вооружено се подготвувала и имала  намера да изврши напади и саботажи врз магацини, патишта, телеграфските линии, железничката инфраструктура, воените објекти и објекти на бугарската локална власт.

Врз основа на обвинителниот акт, воениот суд утврдил дека Пирузе – Мајски и  Колишевски биле креатори и раководители на нелегалната организација и поради тоа двајцата биле осудени на смрт со бесење.

По судењето, Колишевски бил префрлен во скопскиот затвор, а потоа и во Плевен каде што останал се до 7 септември 1944 година, како што пишува историчарот Владо Иваноски во „Политичките судски процеси во Скопjе за време на бугарската окупациjа (1941-1944)“. Во текот на судењето, адвокат на Колишевски бил Стефан Стефанов, а подоцна преку него поднел молба до бугарскиот цар Борис и бугарскиот министер Даскалов, во која било побарано помилување. Неговата пресуда за смрт била заменета со доживотен затвор.

Во текот на судењето, Петре Пирузе се засолнува во Дебарца каде што ја продолжил својата нелегална дејност. Тука успеал да формира повеќе нелегални ќелии кои се оформиле како основа за создавањето на партизанските единици.

Д.Ст.